Поминаа неколку дена откако премиерот Зоран Заев, отворено на митинг повика бизнисмените со пари да ги мотивирале вработените да гласаат на референдумот, посочувајќи една компанија чиј сопственик веќе му ветил дека ќе го стори тоа. Во правна држава, за да се тргнат сите сомнежи околу регуларноста на гласањето, премиерот Зоран Заев досега ќе беше повикан на разговор и против него ќе имаше истрага. Досега ќе беше повикан и сопственикот на компанијата, а ќе се собираа искази и од вработените за кои постојат искази, изјави дека се соочуваат со невидени притисоци, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
– Бидејќи републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, до вчера не најде за потребно да постапи по допрен глас и да отвори соодветна постапка, ВМРО-ДПМНЕ поднесува кривична пријава против Зоран Заев, Претседател на Владата на Република Македонија. Бараме Републичкиот Јавен обвинител, да излезе од сенката на пупката која Зоран Заев ја „расцвета“ во правосудниот систем, и да постапи согласно член 39 од Законот за кривична постапка при што ќе отвори истрага за наводите во кривичната пријава која ја поднесуваме – посочи Димитар Димовски од опозициската партија.