Владата на Оливер Спасовски сè помалку техничка и сè повеќе политичка – каде води тоа?

Пржинскиот модел не е исцрпен. Напротив. Во услови кога пак се потврдува дека политичка влада во Македонија не може да спроведе фер и демократски избори, не е време да се размислува за напуштање на моделот на техничка влада. Напротив, тој треба да се прошири и да се продлабочи, а кабинетот на Спасовски да се опомене да престане да дејствува политички.

8538

Не само со разрешувањето на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, туку и со секојдневните обвинувања меѓу техничките министри и нивните заменици, како и со одлуките на Владата со која се отфрлаат кадровските промени во ресорите, кабинетот на Оливер Спасовски од ден на ден станува сè помалку технички и сè повеќе политички.

За овој впечаток придонесуваат и многубројните одлуки на техничката влада во изминатиот период, со кои беше одобрено предизборното пумпање на јавната администрација, како и инјектирањето буџетски пари директно во народот, преку одлуки за разни „иновативни“ социјални трансфери, што е специфичен облик на предизборна корупција на избирачкото тело.

Сè погласни се и мислењата на експерти коишто заговараат напуштање на „пржинскиот модел“ од 2015 година, кога под покровителство на Европската унија беше договорен сегашниот модел на владеење на извршната власт, според кој на 100 дена пред изборите, се формира влада со нов технички премиер од владејачкото мнозинство и со технички министри од опозицијата за внатрешни работи и за труд и социјала и заменици министри за финансии, за земјоделие и за информатичко општество и администрација. Клучната идеја беше во општеството оптоварено со политичка криза, со зголемени конфликти и со изгубена доверба во институциите, на ваков начин да се оствари двојна контрола врз клучните ресори во егзекутивата и да се обезбеди поголем кредибилитет на изборниот процес.

Чудно е што токму сега, кога парламентот е распуштен и кога со земјата владее екипата на техничкиот премиер Оливер Спасовски, сè понагласени се оценките дека моделот на „пржинска влада“ не може да биде системско решение и дека треба да се размислува за негово укинување. „Во моментов, со постоењето на ваков вид преодна влада пред изборите, всушност, признаваме или претпоставуваме дека институциите не си ја вршат работата како што треба, дека немаме соодветни заштитни механизми кои може да обезбедат фер и демократски избори и дека едноставно не сме зрели на нормален начин да се изврши пренос на власта“, вели професорката Мирјана Најчевска за Радио Слободна Европа.

Во право е Најчевска, секако, но – не е ли навистина така како што „признаваме“?

Незрелоста на политичките елити да обезбедат услови за фер и демократски избори и за мирен трансфер на власта деновиве се потврдува и со одлуките со кои владата на Спасовски секој ден го губи карактерот на техничка и сè повеќе станува политичка. Со сменувањето на техничката министерка Мизрахи, оваа влада и формално го изгуби карактерот на „пржинска“. Во право се сите што велат дека во иднина, премиерот на некоја друга техничка влада ќе може слободно да побара, а парламентарното мнозинство да изврши промена на сите технички министри од опозицијата, со што моделот договорен во Пржино навистина ќе изгуби секаква смисла.

Но, овој апсурд никако не значи дека Македонија веќе станала зрела изборите да ги организира политичка влада и дека веќе не е потребна техничка влада. Напротив, сè што ни се случува овие денови укажува на фактот дека сè уште сме многу далеку од постоење јасно изразена политичка волја и институционална спремност власта да организира фер и демократски избори. Изблиците на предизборен популизам и клиентилизам и суптилните, а понекогаш и директни обиди за поткупување на избирачите, укажуваат дека Македонија навистина е хибриден режим, во кој освојувањето и опстанокот на власт за политичките елити буквално е прашање да се биде или не. Затоа и не се избираат средства и методи како да се оствари целта.

За мене, решение на овој проблем не е отфрлање, туку обратно, проширување и продлабочување на моделот на техничка влада, во секоја смисла –во смисла на бројот на ресорите што треба да се префрлат во графата „технички“, во смисла на оневозможување на политички смени и дерогирања на надлежностите на техничките министри со политички одлуки и со надгласување, како и во смисла на многу позначително ограничување на надлежностите на техничката влада на нејзината основна функција поради која постои, а тоа е организирање фер и демократски избори.

Крајно време е и меѓународната заедница, која практично ја дизајнираше „пржинската влада“, да се огласи со јасна критика на начинот на кој оваа влада на Спасовски, непосредно пред распуштањето на парламентот, се претвора во политичка и сè повеќе се амбицира да усвојува политички и други одлуки, со кои отворено се фаворизира еден од учесниците во изборната трка. Тоа не е ни фер, а уште помалку демократски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...