Вкупо 211 години робија за 16 обвинети за настаните од 27 април 2017 година во Собранието беа изречени денеска во Кривичниот суд во Скопје.
Затворските казни кои ги изрече судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска се движат од 7 до 18 години.
Најмногу доби ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков – 18 години.
По 15 години затвор добија: Душко Лазаров, Митко Пешов, Горан Ѓошевски Леви, Мунир Пепиќ, Никола Митревски-Кољо, Јане Ченто и Влатко Трајковски.
14, пак, Вилијам Михајловски.
Една година помалку или 13 години судот изрече за Оливер Поповски.
Казни од 12 години затвор со првостепената пресуда осудени се: Игор Југ, Младен Додевски и Горанче Ангеловски Ќосето.
10 години доби Оливер Радулов.
Под 10 години добија Александар Василевски-Нинџа – осуден на 8 години, а една помалку односно 7 години доби Абдуљфета Алими.
Слобода доби единствено Игор Дурловски. За него, Кацарска рече дека обвинителството не успеало да го докаже обвинението.
Пресудата е првостепена, осудените и нивните адвокат имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје, а кога тој ќе се произнесе пресудата ќе стане правосилна.
Решението од Апелација, сега веќе првостепено осудените ќе го чекаат од затворот во Шутка бидејќи на сите им е определена мерка притвор.
Благодарение на Законот за амнестија, кој беше донесен во критичен политички амбиент кога се гласаа уставните измени, пресудата ја избегнаа вкупно 15 лица кои беа обвинети во овој случај, меѓу кои се и петмината пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Амнестија побараа и си добија: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.
Во овој случај опфатен е и Сашо Марковски, кој заедно до Оливер Радулов, како вработени во УБК, се гонат бидејќи ги уништиле хард-дисковите со снимките од безбедносните камери во Собранието. Но за Марковски судењето се одвои во посебна постапка оти му се влоши здравствената состојба.
Амнестијата која беше донесена ја разбранува и политичката сцена во земјава, а не остана заборавена ниту во судницата. Таа не им допадна ниту на обвинителката која го води случајот, Вилма Русковска, ниту на Кацарска. Обвинетите, пак, кои не добија амнестија видно револтирани во неколку наврати потенцираа оти ако пратениците Мукоски и Василевски не ги отвореле собраниските врати, „крвавиот четврток“ воопшто немаше да се случи.
Судењето за овој обемен предмет започна во август минатата година, се држеа и по неколку рочишта неделно кои траеја и по десетина часови.
Во судница како сведоци влегоа 50-тина луѓе, а меѓу сведочењата кои се слушнаа беа и оние на: Зоран Заев, Петре Шилегов, Оливер Спасовски, Фросина Ременски, тогашниот министер во МВР, а сега заменик Агим Нухиу, како и сведочења на новинари, вработени во собраниските служби и обезбедување, службеници во МВР, луѓе кои ги поддржуваа протестите „За заедничка Македонија“ итн. Еден од клучните сведоци беше и загрозениот сведок С1 чие сведочење новинарите не можеа да го слушат бидејќи тоа рочиште од безбедносни причини за сведокот беше затворено за јавноста.
Обвинителството кога ја отвори истрагата ја презентираше на тој начин што обвинетите ги подели во неколку групи. Меѓу нив, групата од МВР, каде е и Митко Чавков, како тогашен директор на БЈБ и носител на златна команда. За него обвинителството тврдеше дека не постапувал за време на настаните на 27 април 2017, како и дека бил во релација со ВМРО-ДПМНЕ, а неговиот телефон на критичниот ден бил лоциран на базните станици во близина на седиштето на партијата. Заедно со него од МВР на обвинителна клупа во обемниот судски процес седеа и Душко Лазаров, Митко Пешов и Оливер Поповски.
Лица од собраниското обезбедување, исто така, се најдоа меѓу обвинетите. Шефот на обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер Трајко Велјаноски, Горан Ѓошевски Леви, се теретеше дека меѓудругото, ја насочувал толпата народ односно давал инструкции на каде да се движат демонстрантите во собраниските ходници. Од снимките кои се пуштаа во судница тој можеше да се види како со раката покажува правец, а и дека со картичка отвора една од вратите во Собранието. Се читаа и негови пораки со Трајко Велјаноски непосредно пред упадот во законодавниот дом, а во исказите пред судот и двајцата тврдеа дека всушност зборувале за полици кои требало да се местат во вилата на село на Велјаноски.
Од собраниското обезбедување Рускоска го гонеше и Абдулфета Алими, кој дента бил задолжен за вратите кои беа отворени. Тој, според обвинителството, не ги чувал вратите, а клучевите му ги дал на Леви.
Друга група која беше опфатена во овој кривичен предмет се водачите на протестите „За заедничка Македонија“, од кои амнестија не побара само Игор Дурловски. За нив, обвинителството во судскиот процес тврдеше дека држеле потпалувачки говори и го поттикнувале народот, а Нинџа го „впери прстот“ во нив и кажа оти дури земале и пари од ВМРО-ДПМНЕ за организација на протестите.
На клупите во судница обвинителството седна и дел од насилниците со фантомки и лицата од патриотските здруженија Игор Југ, Јане Ченто, Горанче Ангеловски Ќосето… Тие, според обвинителството, се во групата насилници, а за Игор Југ и Јане Ченто во судскиот процес можеа да се слушнат тврдења дека носеле и пиштоли.
Едно од имињата кои станаа најзвучни додека траеше судењето беше Александар Василевски Нинџа, братот на еден од членовите на обезбедувањето на Никола Груевски – Благоја Василевски кој заедно со експремиерот беше во Виена на кртичниот ден. Нинџа дента на крвавите настани добил повик од брат му, но тој тврдеше дека всушност комуницирале за болната мајка. Обвинетиот за себе кажуваше дека бил соработник на УБК ангажиран од Горан Грујевски, а тој е и оној кој директно посочи функционери од врвот на ВМРО-ДПМНЕ како лица кои стојат зад организацијата и координацијата на случувањата на „крвавиот четврток“, но и на протестите кои му претходеа на 27 април, меѓу кои и оние пред Државната изборна комисија (ДИК). Сведоци и други обвинети кои беа амнестирани, пак, зборуваа дека Нинџа е тој кој ги организирал патриотските здруженија односно лицата со фантомки.
Во овој предмет, сепак, не беа опфатени организаторите и нарачателите на „27 април“.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција долго водеше предистрага за тоа, а пред еден месец отвори истрага во која за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста ги сомничи: експремиерот Никола Груевски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, експретседателот на Собранието и актуелен пратеник Трајко Велјаноски и поранешниот разузнавач Никола Бошковски.