Вељаноски: Ниту сум помислил ниту сум кажал на некој да ги отвори вратите

1736

Поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски денеска сведочи за настаните од крвавиот четврток, а во моментов тој одговара на прашања на обвинетите, меѓу кои и Никола Митревски Кољо кој меѓу другото го праша дали има грижа на совеста за обвинетите и дали мирно спие бидејќи ја знае целата вистина, а не ја кажува во судницата.

Приговараше одбраната, судот прифати, па одговор на ова прашање присутните на рочиштето немаа шанса да слушнат.

Кољо праша и дали Вељаноски им дал наредба на пратениците да ги отворат вратите за да влезе народот и да се направи општ хаос.

– Јас сум овде како сведок и сум под заклетва дека ќе ја зборувам само вистината. Има и кривично дело за лажен исказ. Знам дека обвинетите за да се одбранат може да зборубаат невистини и оговарања затоа што не одговораат според Кривичен законик за тоа. Ниту сум помислил ниту сум кажал на некој да ги отвори вратите. Јас сум бил претседател 9 и пол години и знам што значи институцијата Собрание – рече Вељаноски.

Кољо го праша и дали давал наредби преку Вибер и СМС пораки на што тој одговори дека не е вистина и оти за тоа има материјални докази во обвинителство од кои може да се види дека тоа не е точно.

Обвинетиот Јане Ченто, пак, го праша дали е точно дека некој го известил Али Ахмети да го напушти Собранието, знаејќи дека ќе влезе народот.

– Само што приметив, Ахмети не беше тука, сите беа тука. Дали некој го известил или не, не знам. Но, од 120 беа присутни 119, без Ахмети – одговори Вељаноски.

Ченто го праша и дали се согласува дека политичките елити се најголеми виновници за 27 април, бидејќи не биле спремни за мирна транзиција на власта и калкулирале за да си ги зачуваат фотелјите.

Неколку прашања до него имаше и Игор Југ кој го праша дали на 27 април политичарите биле господарите, а тие денес што скапуваат по затвори се кукли.

– Политичарите си ја играат политиката, тие ја водат политиката. Дали е исправна или не, јавноста и народот кажуваат на избори – одговори тој.

Игор Југ го праша и дали ако 27 април била фингирана работа, денес може да заклучи дека секој си ги извлекол своите, а во притвор останавме само тие десетина како жртвените јагниња?

Ова прашање по приговор од адвокатката на Горан Ѓошевски Леви не беше дозволено.

Повеќе од денешното сведочење на Трајко Вељаноски за 27 април прочитајте на линковите подолу:

Вељаноски: Мукоски придонесе да се вжешти атмосферата, а Зекирија не можев да го исклучам кога пееше

Многу прашања од Кацарска за Вељановски: Дали како претседавач барем со нешто сте запознаени од 27 април?

Адвокатката на Леви: Испитувањето на Вељаноски од Кацарска е надвор од законот

Вељаноски до Нинџа: Не знам уште за кој до крај на судењето ќе ми натоварите дека сум му се јавувал, прекинете со лицитирање

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...