Вељаноски: Мукоски придонесе да се вжешти атмосферата, а Зекирија не можев да го исклучам кога пееше

3456

Поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски денеска сведочи во Кривичниот суд на рочиштето за настаните од 27 април.

Тој раскажуваше за тоа што се случувало во Собрание и посочи дека околу 17.20 часот претседавајќи со седницата на Собранието дал кратка пауза за координација, која се одржа во најблиската сала и ги повикал претставниците на политичките партии за да се договорат за писмото кое го испратиле 31 пратеник од СДСМ барајќи и утредента на 28 април да има седница.

– Не сакав да биде моја еднострана одлука и ги повикав да се договориме за писмото кое беше испратено. Сите едногласно рекоа „да” и се согласија седницата да трае како обично до 18 часот и да продолжи утредента. По завршувањето на кратката координација продолжив со водење на седница и почнав онаму каде прекинавме, со реплики, контрареплики… – раскажа Вељаноски.

Тој ден, рече тој, ситуацијата била напната, пратениците почнале да земаат процедурални обраќања.

– Имаше прво од пратеник од СДСМ, па на неговото почнаа процедурални со дообјаснување и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Втор или трет беше Крсто Мукоски кој зеде процедурална забелешка и во таа почна да ја пее македонската химна и придонесе да се вжешти атмосферата – рече Вељаноски.

Тој рече дека кога видел дека атмосферата е зовриена ја прекинал седницата, но пратениците останале. Тие од СДСМ стоеле на нивните места, а од ВМРО-ДПМНЕ кај говорницата. Вељаноски рече дека останал таму уште 10 минути и заминал накај кабинетот.

– По 10 минути си реков можеби моето присуство во пленарната сала ги поттикнува пратениците да бидат уште тука и околу 18.10 часот ја напуштив салата и се качив во кабинетот – раскажуваше Вељаноски.

Тој кажа и оти последен од говорница се обратил Зекирија Ибрахими, негде пред 18 часот. Но, нагласи дека кога Ибрахими почнал да ја пее албанската химна, не можел да го исклучи, бидејќи од местото каде седи претседавачот има копче да се исклучи микрофонот на пратеникот ако тој се обраќа од место. Рече дека знаел што пее пратеникот од БЕСА.

Неговото сведочење е во тек.

Инаку, Вељаноски за сведок беше предложен од Леви за кого тој имаше само пофални зборови. Рече дека Леви е професионалец, од почетокот на неговата функција како претседател на Собранието овој обвинет бил задолжен за неговото обезбедување и ако денес треба пак да избира, повторно би го избрал Леви да му биде шеф на обезбедување.

На 27 април рече дека првата комуникација со него ја имал околу 11.30-12 часот за некоја работа што требало да се заврши кај Вељаноски дома, а потоа контактирале дури попладнето. Вељаноски го контактирал и за да го извести внатрешното обезбедување за атмосферата во салата. Кога демонстрантите веќе биле влезени, Леви го прашал и дали сака да го евакуираат, а тој одговорил дека ќе остане до крај додека не се расчисти состојбата и не бидат сите евакуирани.

Повеќе од денешното сведочење на Трајко Вељаноски за 27 април прочитајте на линковите подолу:

Вељаноски: Ниту сум помислил ниту сум кажал на некој да ги отвори вратите

Многу прашања од Кацарска за Вељановски: Дали како претседавач барем со нешто сте запознаени од 27 април?

Адвокатката на Леви: Испитувањето на Вељаноски од Кацарска е надвор од законот

Вељаноски до Нинџа: Не знам уште за кој до крај на судењето ќе ми натоварите дека сум му се јавувал, прекинете со лицитирање

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...