Боки 13: Русковска е адвокат на две мафии

528

Обвинителството на денешната јавна седница во Апелацискиот суд на која одбраната на Бојан Јовановски, првообвинет во „Рекет“ ја образложува својата жалба на затворскиот притвор за Боки 13, му предложи на судот да се одбие барањето на  Јовановски.

Судот донел правилна одлука, а барањето на Јовановски е неосновано, и покрај гаранцијата тој треба да остане во притвор, беше предлогот на обвинителот од Вишото јавно обвинителство.

Одбраната на Бојан Јовановски, како што објавивме претходно, понуди куќа во вредност од 100.000 евра и локал во вредност од околу 50.000 евра како гаранција на барањето да му се укине мерката притвор која Боки во затвор ја издржува веќе седум месеци.

Јовановски, откако неговиот адвокат Сашо Дуковски образложи зошто Боки треба да добие поблага мерка, рече дека е под тортура седум месеци и тврдеше дека нема намера да бега. Тој реагираше на изјавата на обвинителката Вилма Русковска од минатата недела кога таа рече дека Боки бил уапсен на граница при обид за бегство, а не во библиотека и затоа не се согласи тогаш да му се укине затворскиот притвор. Јовановски тврдеше дека дента кога бил уапсен на граничниот премин Богородица, одел на одмор во Грција за што пред судијата приложи и авионски билети и резервација од вилата за одмор, а не дека сакал да бега, како што тврди обвинителката Русковска.

– Русковска јас не ја сметам за обвинител, таа е адвокат на две мафии – рече Јовановски и тогаш судијата го прекина неговото непристојно говорење со напомена да се држи до образложение на неговите аргументи против притворот.

Откако Јовановски образложи во каква здравствена состојба се наоѓа, а за која рече дека тој негов проблем веќе „станал шпанска серија“, се сврте кон судијата, а потоа и кон новинарите и ги повтори обвинувањата кои и претходно ги изрече на едно од судските рочишта во Кривичниот суд на адреса на обвинителката Русковска дека му вршела притисок да ги обвини Јанева и Ременски.

– Ако кажам дека е виновна Катица Јанева или Фросина Ременски за која ми беше речено дека сака да ја бетонира, ама дека не може затоа што е пратеник и за која нема доказ за да ја обвинат за дело во Меѓународниот сојуз, тогаш ќе ме ослободат од притвор – рече Јовановски и повторно беше опоменат од судијата во образложението да не излегува од рамките на своето барање за укинување на мерката притвор.

– Не ме плаши здравствената состојбата во која се наоѓам, ниту доказите. Не се плашам, ниту од казната што ми се заканува за да се дадам во бегство, зашто јас се чувствувам целосно невин и обесправен – додаде Јовановски.

Адвокатот на Боки, Дуковски напомена дека од тројцата обвинети во случајот „Рекет“ само Јовановски е во седумесечен притвор во затвор, додека Катица Јанева, поранешна специјална обвинителка издржува домашен притвор како и осудениот на три години затвор Зоран Милевски Кичеец.

–  Поради здравствената состојба на Јовановски мора да има хигиенско-диететски режим, а тој не може да се спроведе во затворот – напомена Дуковски и додаде дека куќата која Јовановски ја приложи како гаранција, а во вредност од околу 100.00 евра била во сопственост на прв братучед на Јовановски кој е инвалидизирано лице и рече дека би било надвор од секаква помисла дека било кој би го злоупотребил тоа за да побегне од државава.

Јовановски додаде дека се чувствува дискриминиран бидејќи еден од аргументите да му биде одреден притвор е тоа што нема засновано свое потесно семејство, тоа што нема недвижен имот и е невработен, поради што постои опасност и да побегне.

– Моја лична определба е дали ќе засновам потесно семејство. Тоа е директен говор на дискриминација никој не може во мое име да кажува дали треба да имам семејство. Има многу високи политичари кои имаат синови и ќерки, а се во бегство  – рече Јовановски.

За тоа дека е невработен, рече дека бил прокурист на 1ТВ и дека е сопственик на 16 трговски марки регистрирани во Заводот за индустриска сопственост.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...