Ахмети без конкуренција за лидер на ДУИ, ќе се намалат или укинат потпретседателите

Нова промена во статутот ќе биде и формирање на ново тело - генерален или национален совет. Идејата е во него да членуваат ветераните, но и партијата да се отвори за експерти од различни области. Се претпоставува дека во ова тело, место ќе има за идеологот на ОНА и вујко на Ахмети, Фазли Велиу, но и за одметниците од партијата како ексгенералот Гзим Острени, ексорганизацискиот секретар Хазби Лика, како и за Муса Џафери, Рафиз Алити...

494
ФОТО: EPA-VALDRIN-XHEMAJ

Конгресот на владеачката ДУИ ќе се одржи на 30 ноември или на 6 или на 7 декември и според најавите, Али Ахмети ќе биде единствениот кандидат за лидер на партијата, брифираат за Плусинфо од ДУИ.

И додека за челната позиција не се очекува никакво поместување, во најава се промени на партискиот статут кои навестуваат големи турбуленции во најтесната раководна структура на партијата.

Според изворите, Ахмети и натаму ќе остане неприкосновен лидер на партијата. Објаснувањата се дека токму по претстојниот конгрес ќе се навести промената и на кормилото на ДУИ, односно дека Ахмети идните четири години ќе го тера последниот мандат како претседател на партијата, а во тој период ќе ја подготви ДУИ за новиот лидер. Според извори во ДУИ, сѐ уште не е време за смена на Ахмети и дека не држи ни неговата најава дека ќе се повлече од лидерската позиција по влезот на Македонија во НАТО, бидејќи земјава до декември нема да стане полноправна членка на Алијансата. Од ДУИ велат дека сега Ахмети дури и да сака да се повлече од претседателската функција тоа конгресот нема да го дозволи бидејќи ѝ е потребен на партијата.

И додека најавите се дека Ахмети ќе нема ни противкандидат за претседателската функција, во партијата на големо се размислува за промена на статутот кој ќе предизвика и покрупни промени кај партиското раководство.

Веќе има предлози да се намали, да се зголеми или да остане ист бројот на потпретседателите во партијата, но и целосно да се укине таа функција.

Според актуелниот статут, ДУИ има четири потпретседатели, како и генерален и организациски секретари.

Заговорниците за укинување на потпретседателските позиции предлагаат да нема потесно претседателство, како што е случајот сега, туку одлуките да ги носи централното претседателство, а крајниот збор да го има Ахмети.

Но неизвесно е колку ваквиот предлог ќе помине во партијата, бидејќи токму со потпретседателските функции се задоволуваа партиските апетити на најистакнатите функционери, потоа се запазува регионалната застапеност, односно во најтесното раководство се избираа функционери од скопскиот, кумановско-липковскиот, тетовскиот, гостиварскиот или струшкиот и дебарскиот регион.

Нова промена во статутот ќе биде и формирање на ново тело – генерален или национален совет. Ова тело за разлика од Советот на мудреци, кој беше формиран на последниот изборен конгрес на ДУИ пред пет години и има право на вето, ќе има само советодавна улога. Идејата е во него да членуваат ветераните, но и партијата да се отвори за експерти од различни области.

Кога станува збор за партиските ветерани, ова ќе значи дека ДУИ во националниот совет најверојатно ќе им најде место на екскомандантите на ОНА, на создавачите на партијата, на ексфункционерите кои изминатиот период од различни причини беа тргнати на страна. Се претпоставува дека во ова тело, место ќе има за идеологот на ОНА и вујко на Ахмети, Фазли Велиу, но и за одметниците од партијата како ексгенералот Гзим Острени, ексорганизацискиот секретар Хазби Лика, како и за Муса Џафери, Рафиз Алити…

Со ова, велат од ДУИ, партијата ќе се отвори за нови и млади кадри, а старите нема да се „лактаат“ за функции.

Промена на статутот се најавува и во делот на конгресот, се предлага една третина од делегатите на конгресот да имаат доживотен мандат. Ова би значело дека од околу 500 делегати 160 би биле со доживотен мандат. Со ова, како што велат, ДУИ ќе се штити да не застрани од изворните принципи.

Во пресрет на конгресот ДУИ веќе избира нови претседатели на подоограноци и ограноци. Внатрепартиските избори се завршени во Чаир, Сарај, Куманово, Липково, Кичево и во Дебар. Во тие ограноци избрани се нови претседатели, а карактеристично е дека партијата на Ахмети првпат избра жена за претседателка на огранок и тоа на кичевскиот. Тенденција е, велат од партијата, учеството на жените во ограноците да се движи од 30-40 отсто. И додека во повеќето ограноци избрани се нови претседатели, во Струга и во Гостивар можно е и натаму да останат Рамиз Мерко и Невзат Бејта, додека за прв човек на тетовскиот огранок најмногу шанси имаат Теута Арифи и Хисен Џемаили.

Фото: EPA/VALDRIN XHEMAJ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...