Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) од понеделникот е со блокирана сметка за 410.000 евра.
Блокадата доаѓа по тужби на родители на деца родени во 2008 година кои останале слепи бидејќи се задоцнило со дијагностицирање на ретинопатија. Во тој период не постоел протокол за посета односно програма за соработка на Клиниката со очен лекар кој требало да доаѓа и да ја дијагностицира состојбата со новороденчињата.
Паралелно на социјалните мрежи на адреса на ГАК се упатуваат и низа коментари за кампањата за собирање донации преку телефонски броеви. Поголемиот дел од реакциите се негативни и се во насока на тоа дека Гинекологија бара донации од граѓаните, а е финансирана од буџетот. Од ГАК посочуваат дека станува збор за кампања која под мотото „Сите ние, пријатели на бебињата“, се спроведува уште од средината на ноември лани.
Плановите, според информациите оттаму, им е со собраните пари да набават опрема за клиниката, како креветчиња, грејачи…
Наскоро се очекува од ГАК преку соопштение да се огласат со повеќе информации во врска со блокираната сметка и со донаторската кампања.