Обвинетиот кумановец Бобан Илиќ, наместо за убиство со умисла на четиригодишниот Алмир Алиу, ќе одговара за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, кривично дело за кое според Кривичниот законик е предвидена максимална казна до десет години.
Прекфалификацијата на делото ја направи обвинителката на денешното рочиште во нејзините завршни зборови. Таа во кумановскиот суд посочи дека причината за ваквиот чекор е што кога било покренато првичното обвинение за убиство со умисла, доцнеле вештачењата – психијатриското и техничко-сообраќајното. Како што посочија од обвинителство, пред да се случи прегазувањето на малиот Алмир што се гледа на снимката објавена во јавноста, Бобан Илиќ и неговите брат и девојка биле физички нападнати и им го оштетиле автомобилот, но тој дел од снимката не бил објавен јавно. Девојката која била со двајцата браќа, се јавила и во полиција за да побара помош.
Четиригодишниот Алмир Алиу беше прегазен пред Здравствениот дом во Куманово на 25 јуни 2016 година. Откако пред околу два месеци излезе информацијата дека обвинителството се подготвува да му даде поинаков правец на судењето со преквалификација на делото, група граѓани организираа два протести, на Камениот мост и пред Основното јавно обвинителство.
Со реакции во изминатите два месеци излегуваа и пратеници и политички партии. Меѓу нив реагираше и пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири кој им порача на обвинителите дека не се избрани затоа што се Албанци или Македонци, туку затоа што некој им ја доверил таа позиција да одлучуваат врз основа на факти и да му служат на правото. Реагираа и од ДУИ, Алијансата на Албанците и од БЕСА.
Случајот за малиот Алмир стигна и до Вишото обвинителство, откако неговиот чичко поднесе претставка бидејќи семејството било незадоволно како надлежната обвинителка во Куманово го води случајот.
За истиот настан од пред Здравствениот дом во Куманово се води и друг случај, против три други лица (таткото на детето Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу) и поднесено е обвинение за сторено кривично дело насилство.