Куршум за Заев и две бомби под бироа во Собранието на 27 април

Обвинителството денеска го поднесе обвинителниот акт при што соопшти детали од истрагата која покажала дека на 27 април еден од обвинетите вперил пиштол кон Заев, но не испукал бидејќи обезбедувањето го заштитило. Во две канцеларии под бироа, пак, биле поставени и две импровизирани бомби

4782

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Кривичниот суд го поднесе обвинителниот акт за настаните на 27 април лани во Собранието. Со него обвинети се 30 лица од вкупно 35 првично осомничени и опфатени со истрагата.

Нема прекфалификација на кривичното дело, соопшти јавниот обвинител Љубомир Јовески, па 28 од вкупно 30 лица сега веќе обвинети се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок, дело за кое според Кривичниот законик на Република Македонија е предвидена минимална казна затвор од 10 години. Две лица се обвинети за помагање на истото дело.

Од обвинение се спаси само пратеничката Жаклина Пешевска за која, посочија од обвинителството, не се пронајдени докази дека на каков било начин учествувала во настаните. За четворица од 35-те кои беа опфатени во истрагата, е запрена постапката бидејќи тие се во бегство и истата, според најавите, ќе продолжи откако тие ќе бидат пронајдени.

– Обвинителството е уверено во оваа правна квалификација на кривичното дело и во доказите со кои располага. Претпоставувам ова во постапката ќе биде оспорувано од страна на одбраната, но обвинителството е уверено во доказите со кои располага – рече Јовески, кој соопшти и оти побарале продолжување на мерките притвор  куќен притвор за обвинетите.

Покрај обвинетите, посочија од обвинителството, истрагата утврдила дека во организацијата на настаните од 27 април биле вклучени и одреден број засега непознати лица, за што во наредниот период ќе продолжат истражните дејствија.

Истрагата на обвинителството покажала дека обвинетите ивршиле повеќе поврзани и усогласени дејствија, го мобилизирале членството на неколку здруженија со цел насилно да влезат и извршат насилство во Собранието.

При презентацијата на резултатите од истрагата, 30-те обвинети беа посочувани во неколку групи зависно од дејствата кои ги преземале на „крвавиот четврток“. Меѓу нив е и поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

Така, меѓу нив се тројца вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР) кои имале златна и сребрена команда. Според обвинението, иако биле известени дека е загрозен животот на пратениците, новинарите и вработените во службите на Собранието, тие не издале наредби за распоредување на дополнителни специјални полициски сили, а подоцна не дале ниту наредба за евакуација.

Во групата обвинети се и едно лице кое дента околу 14.30 часот на 27 април телефонски било известено да ја започне акцијата откако претходно со други обвинети го мобилизирле членството од Скопје и другите градови однапред знаејќи дека Собранието нема да биде заштитено од полициските сили.

Десетмина од обвинетите, пак, се лица кои делеле фантомки на поголема група луѓе и по телефонски повик две минути пред 19 часот на „крвавиот четврток“ се упатиле кон влезот на Собранието.

Четворицата организатори на протестите од движењето „За заедничка Македонија“ (Богдан Илиевски – Бетмен, Игор Дурловски, Владо Јовановски и Борис Дамовски) со потпалувачки говори ја разгорувале нетрпеливоста на собраните граѓани.

– Поттикнатите граѓани, заедно со групата која носела фантомки ја прескокнале заштитната ограда околу Собранието, и се обиделе со туркање, удирање и кршење насилно да ја отворат влезната врата, но поради безбедносната заштита не успеале – соопшти Елизабета Недановска, самостоен јавнообвинителски советник за односи со јавноста во обвинителството.

Истовремено, додаде таа, еден од пратениците телефонски контактирал со лице кое било пред собраниската врата, а потоа сите петмина пратеници (Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски) со тројца обвинети од собраниското обезбедување ги отвориле вратите. Лицата од обезбедувањето се тие кои ги насочувала граѓаните и насилниците кон пленарната сала и кон прес-центарот во Собранието. Во тоа им помагале уште двајца вработени во Собранието и еден Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање.

– Во прес-центарот додека траело насилството и нападот од страна на обвинетите, еден од обвинетите се насочил кон оштетениот пратеник Зоран Заев, посегнал по пиштолот кој го носел со себе, но не испукал затоа што оштетениот бил заштитен од обезбедувањето и од други присутни лица – рече Недановска.

Уште еден детал од истрагата кој беше соопштен на денешната прес-конференција е дека обвинетите додека вршеле напад користејќи ги сите можни предмети кои им нашле пред раце, поставиле и две импровизирани експлозивни направи под работните бироа во ве канцеларии.

Улогата на двајцата обвинети за помагање – вработени во МВР, пак, била во тоа што додека траело насилството тие одзеле два хард диска со цел да ги прекријат трагите и да не се откријат регистрираните дејствија од упадот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...