„Зимско лето“ на Арктикот

Површината на мразот на Арктикот, пак, во февруари била помала од истиот период лани за 160.000 километри квадратни.

189

На Арктикот оваа зима е забележана рекордно висока температура, која на изненадување на научниците, е за цели пет степени повисока од просечната.

Научниците се многу загрижени, оти ова е најтоплата зима кога било измерена.

– Тоа едноставно, не е нормално… Вакви топли бранови – тоа никогаш не сум го видел – изјави директорот на Националниот центар за информации за снег и мраз во Колорадо, Марк Сериз, кој го проучува Арктикот од 1982 година.

Научниците сметаат дека високите температури во Ледениот Океан се предизвикани од глобалното затоплување, кое пак, од друга страна, донесе и студени бури, кои неодамна ги погодија Европа и североистокот на САД.

На најсеверната мерна станица, на самиот брег на Гренланд, во февруари се регистрирани 60 часа со температура над нулата, пренесува „Гардијан“.

– Температурата од минатиот месец повеќе наликува на онаа во мај – истакна Рут Мотрам од Данскиот институт за метеорологија.

Површината на мразот на Арктикот, пак, во февруари била помала од истиот период лани за 160.000 километри квадратни. Сега таа изнесува околу 14 милиони квадратни километри, што е за 1,3 милиони помалку од нормалното ниво во последниве 30 години.

– Сличен феномен е забележан и во Тихиот Океан, во Беринговото Море. Невообичаено е што истото се случува од двете страни на Арктикот – изјави научникот од Центарот во Колорадо Волт Мејер.

Фото: EPA/NASA/GSFC/METI/ERSDAC/JAROS

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...