По повод Денот на жената, 8 Март, Македонската филхармонија во четврток во 20 часот приредува симфониски концерт „Женски приказни“.
На подиумот ќе застанат две млади, но искусни и извонредни уметнички – нашата диригентка Елена Митревска која кариерата ја гради на европските сцени, како и истакнатата пијанистка од Германија, Олга Шепс.
„Она што Шепс го прави не е фино или слатко, тоа што таа го прави го одзема здивот“, гласи една од критиките за пијанистката која пред македонската публика ќе го изведе познатиот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 од Лудвиг ван Бетовен.
На програмата се и Увертирата „Леонора“ бр. 3, повторно од музичкиот гигант Бетовен, како и избор од експресивните две свити „Арлезијанка“ од францускиот композитор Жорж Бизе.