Акробат на светски познатиот „Сирк де солеј“ загина за време на настап во Тампа, Флорида.
Триесет и осумгодишниот Јан Арно им подлегнал на повредите во болница, каде што итно бил префрлен, откако паднал од височина од околу пет метри. Трагедијата се случила кога при изведба на неговиот „циклон“ потфат во точката „Волта“, Арно не успеал да ја дофати жицата.
Трагичниот пад е снимен од мобилни телефони на присутните. При несреќата, колегите притрчуваат да му помогнат, но безуспешно. Наводно, за Арно бил фатален ударот со главата на подот.
– Јан беше со нас повеќе од 15 години и го сакаа сите што имаа можност да го познаваат. Во деновите што следуваат, ние ќе се фокусираме на поддршка на семејството на Јан и на нашите вработени – изјавил Даниел Ламар, претседател и директор на групата „Сирк де солеј“.
Истото ова шоу било изведено во Мајами гарденс во декември 2017 година.
Џулиен Мартинез, која била во публиката кобната вечер, за Си-ен-ен изјавила дека Арно „се борел да се задржи на јажето“.
– Беше ужасно. Се слушаше вресок меѓу публиката. Меѓу присутните имаше деца и тие беа преплашени – раскажала Мартинез.
Од полицијата од Тампа соопштиле дека инцидентот се истражува, иако сè упатува на тоа дека станува збор за несреќен случај. Ќе биде направена и аутопсија на телото на загинатиот акробат.
Си-ен-ен бележи дека ова не е прва трагедија кога е во прашање овој светски познат циркус. Во јуни 2013 година, 31-годишната акробатка Сара Гиљо-Гајард починала по пад за време на изведба на акробација на шоу во казино во Лас Вегас. Во 2016 година, пак, трагично завршил и синот на основачот на групата.