Премиерот Зоран Заев придружуван од шефот на дипломатијата Никола Димитров и државниот секретар во МНР Виктор Димовски, денеска се сретна со Карин Кнајсл, австриска министерка за Европа, интеграции и надворешни работи, придружувана од Ренате Колбер амбасадорка на Австрија во Македонија.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, се потенцирани добрите релации меѓу двете држави на политички и на економски план и е изразено заедничко уверување дека е отворен простор за продлабочување на билатералната соработката во сите области.
Кнајсл пренесе дека се забележани промени во државава во насока на надминување на финансиските ризици и создавање услови за фискална предвидливост, по политичката криза минатата година и оти постои мотив кај бизнис заедницата во Австрија, за нови инвестиции и отворање нови работни места во Македонија.
Посочи дека Австрија ги поддржува интеграциите на Македонија и на Западен Балкан во ЕУ и оти фокусот на претстојното австриско претседателство ќе биде кон исчекори на државите од регионот на овој пат. Нагласено е дека Австрија гледа на Западен Балкан како на дел од Европа и дека во таа насока важно е поврзувањето меѓу државите и реформите што ги прават.
– Македонија отвори ефикасен реформски процес за да го подобри квалитетот на живот на граѓаните применувајќи ги европските вредности и добрососедски политики, што го покажуваат постигнатиот Договор со Бугарија и разговорите што се водат на достоинствено ниво со Грција. Македонија и сите шест држави од Западен Балкан се посветени на меѓусебното поврзување и на пријателско решавање на билатералните прашања. Секоја од државите ја заслужува својата шанса на евроинтегративниот пат. Ја почитуваме многу поддршката од Република Австрија, којашто е еден од најголемите инвеститори во Македонија и во име на граѓаните на Република Македонија изразувам благодарност за поддршката што ја имаме во остварувањето на нашата стратешка цел, членство во ЕУ – рече премиерот Заев.
На состанокот беше нагласена добрата соработка меѓу полициските претставници посебно на границата за надминување на предизвиците од мигрантската криза. Исто така оценета е за позитивен чекор во развојот на меѓудржавната соработка и најавената интерпарламентарна соработка.
Заев, преку министерката за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија, упати покана за официјална посета на австрискиот канцелат Себастијан Курц на Македонија.