Сите оние што работеле или соработувале со претседателот Глигоров, знаат дека тој читаше, читаше се, забележуваше на маргините и, над се, паметеше што чита.
Ќе дојдеа, така, белешки од МНР пред некоја посета на странски државјанин, тој ќе ги прочита и ќе искоментира „Ах, овие пак копија од минатиот пат пратиле”.
Да не ги споменувам тука дневните весници! Од почеток до крај!
И најтешко ми било кога ќе ме викнеше кај него и ќе почнеше: „А виде ли ти ова денеска …”.
Знаете како таков почеток завршуваше – „не ми е јасно како уште не си стигнала тоа да го прочиташ!”, хахаха … Се смеам сега, но верувајте тогаш не ми беше лесно. А и срам еден да те изеде и во однос на годините и во однос на љубопитството и жедта да се знае!
На Глигоров не му се пишуваа детални белешки за средбите, како што тоа беше со некои други претседатели (привремени или избрани) со кои сум работела. На него му се даваа само напомени со факти, а се друго беше негово.
(Имаше, за разлика од него, еден друг кој беше прашан од странски претседател што мисли за смената во генералштабот во Србија, а тој само повторуваше “Very dangerous thing, very dangerous”, па беше дополнително прашан од странскиот политичар “Но, Вие знаете за смената, читате весници, нели?”)
Говорите на Глигоров беа друга работа. Пред секој говор претходеше средба на поширок состав соработници, на кога тој ќе изнесеше поенти кои сака да ги истакне. Потоа, некој тоа ќе го срочеше во текст, групата ќе го прегледаше неколкупати пред да оди на читање кај него, а по сите негови забелешки на текстот, тој ќе добиеше финална верзија.
Има еден момент кој особено говори колку детално приоѓаше кон се. Работевме на неговиот говор на самитот на НАТО со кој се одбележуваше 50-годишнината од Алијансата во април 1999 година. Се одвиваше во периодот на воздушната операција на НАТО во Србија. Имаше многу чувствителни моменти и поенти што требаа да се истакнат и нашите разговори за овој текст беа и долги и тешки и напати спротивставени. Тој текст имаше неколку верзии, за конечно да стигнеме до една што беше прифатлива. На ден пред заминување за Вашингтон, претседателот Глигоров го немаше вратено назад текстот со одобрување. Ние, сепак, направивме и соодветни преводи за да се подготвиме, очекувајќи да направиме соодветни измени кога ќе ја добиеме финалната варијанта. Беше 9,30 вечерта пред тргнување и текстот се уште не беше вратен од него. Имаше поенти таму за кои тој знаеше дека се потребни да се истакнат, но истовремено мислам дека имаше внатрешен конфликт со нив меѓу тоа во што верува како човек, а што треба да прави како политичар. Оттука, и неговиот отпор. Но, тоа е друга тема!
Влегов во неговиот кабинет да прашам до каде е со читањето и да го потсетам дека заминуваме утрото во 6,30 и немаме многу време, а треба и да се пакуваме. Иритиран, ми одговори дека чита, но чита материјали што му се оставени и што треба да ги заврши пред да оди на пат. Вети, ќе се посвети на текстот.
Беше нешто по 11 часот вечерта кога ме викна назад да ми го даде текстот. Го прелистувам пред него, гледам се е во ред и велам „Значи, ОК сме, можеме да одиме вака”. Ме погледна и рече:
„Не, текстот треба да се преработи. Си испуштила една запирка. А и Украина се пишува со голема буква!”.
И да, се преработи! Зошто и финалната верзија ќе ја прочиташе пред да излезе на јавна сцена.
Како мина самитот? 1999 година Република Македонија беше членка на Партнерството за мир и гостин на самитот. Сепак, тој беше еден од ретките чиј говор беше цитиран од тогашниот портпарол Џејми Шеј. Единствен од сите 44 шефови на држави или влади присутни во Вашингтон, покрај британскиот премиер Тони Блер, кој беше примен во Белата Куќа од претседателот Клинтон.
Ама тоа беа некои други времиња! На лидери кои читаа се. До последната запирка! И беа одговорни за неа!