Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска порача дека ако Албанците не сакаат компромис, тогаш нема да се постигне решение.
– Ќе ги продолжиме разговорите со Албанците, да се обидеме да ги решиме нашите проблеми, без разлика што не им верувам ништо. Но немаме друг избор – истакна Вучиќ на вонредното обраќање до нацијата во врска со косовското прашање, како клучен политички проблем на Србија, но и за поразителната демографска слика.
Според него, разговорот и дијалогот се најважни, „да се најде компромисно решение, а доколку не сакаат нема да има решение и точка“.
Вучиќ останува на својот став дека следниот месец ќе излезе со предлог решение за Косово, додавајќи дека „останува на се она што претходно го зборувал, но секогаш за себе ќе ја задржи можноста нешто да забрза или да забави поради специфичноста на надворешнополитичката ситуација“.
– Тоа секако ќе го направам и одговорноста ќе ја преземам на себе – истакна српскиот претседател.
Тој ги изнесе и поразителните податоци за намалување на наталитетот, нагласувајќи дека „Србија, доколку се продолжи на таков начин, ќе исчезне како нација“. Вучиќ додаде дека Владата поради тоа донела мерки и акционен план за нивно спроведување, со цел да се зголеми наталитетот. Некои од мерките ќе стапат во сила од 1 јули, а останатите на почетокот од следната година.
Меѓу другото, Вучиќ повтори дека „Србија пет години чека да се формира Заедница на српски општини“, притоа споменувајќи го „цинизмот на меѓународната заедница, која доколку се потрудела Заедницата досега ќе била формирана“.