Во Кинотека на Македонија „Гостин со причина“ Лордан Зафрановиќ

195

Во соработка со Факултетот за драмски уметности во Кинотека на Македонија ќе гостува Лордан Зафрановиќ како „Гостин со причина“.

За него, Наум Пановски напиша дека „Лордан Зафрановиќ е денес секако прв меѓу еднаквите од овие балкански простори и без сомнение еден од најзначајните филмски режисери со чии филмови сме растеле и созревале. Неговиот огромен опус, кој трае цели 50 години непомирливо и инспиративно создавање, го оплеменува суптилна естетика, визуелно богатство, беспоштедна критика на сите деструктивни идеологии и општествени злоупотреби, провокативно разбивање на сите табуи што нe ограничуваат, и метафорично поигрување со еросот и танатосот. Бавењето со филм за Лордан Зафрановиќ е пловидба по едно огромно отворено, и често бурно море, каде што тој е во постојана потрага по вистината, слободата и хуманото во човекот. Тој е личност за пример со беспрекорен креативен и човечки интегритет. Токму затоа за мене тој е еден од дваесетте најголеми режисери во светот и еден од последните острови на сеќавање на овие наши простори.“

Зафрановиќ остана трајно запамтен по филмовите „Окупација во 26 слики“, „Падот на Италија“  и добитник е на многу награди. Тој е еден од најзначајните југословенски режисери и заедно со Горан Марковиќ, Горан Паскаљевиќ, Срѓан Карановиќ, Рајко Грлиќ, а подоцна ќе им се придружи и Емир Кустурица, е припадник на таканаречената Прашка школа – движење што ги изнедри можеби најдобрите југословенски филмови.

Првиот филм од циклусот „Гостин со причина“ кој ќе биде прикажан во Конотека на Македонија на 3 април во 19 часот, е токму „Окупација во 26 слики“.

На 4 април ќе бидат прикажани два филма на Зафрановиќ, и тоа „Недела“ во 18 часот и „Падот на Италија“ со почеток во 20 часот.

Последниот ден, на 5 април со почеток во 19.30 часот ќе биде резервиран за „Вечерни ѕвона“.

Пред проекцијата на 5 април филмот, разговор со Лордан Зафрановиќ ќе води проф. д-р Наум Пановски. Во рамките на посетата на Зафрановиќ во Македонија, Факултетот за драмски уметности од Скопје организира средба во нивните простории на 3 април, со почеток во 11 часот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...