Поетесата Марта Маркоска во рамките на проектот „Книжевни магнитуди“, кој ќе почне на 20 март, во 19 часот, во „Јавна соба“ заедно со гостите Ристо Лазаров и Лидија Капушевска – Дракулевска ќе биде „на ’Ти‘ со авторот. Без цензури“. Запознајте го човекот-автор за подобро да го разберете неговото творештво, потенцира Маркоска.
„Книжевни магнитуди“ е прв од ваквиот тип настани во Македонија каде секој слушател/читател ќе има можност да го запознае авторот одблизу и да го праша сè што сака, за него и за делото, бидејќи разговорите ќе се водат како отворена трибина, без цензура.
„Македонските поети заслужуваат достојно да бидат претставени пред што поголема слушателска, а потоа и читателска публика без разлика на која генерација ѝ припаѓаат. На овој начин, младите авторски генерации ќе добијат поголем публицитет пред постарите, и обратно, постарите ќе ја добијат должната почит пред помладите генерации.
Дојдете ни во домашна атмосфера и пријатно расположение заедно да создадеме позаинтересирана, поголема и поупатена читателска публика. Да ги обединиме практичарите и теоретичарите, поетите и прозаистите, книжевниците и филозофите, слушателите и читателите.
Да успееме, најсетне, да направиме пакт и да се запознаеме меѓусебе подобро, особено затоа што во последниве, не години, туку, децении, значително си недостигаме“, вели Марта Маркоска, приредувач на програмата и носител на проектот.