Владата ќе бара начин да ги привлече иселениците да инвестираат во Македонија. Освен што ќе можат да ги користат средствата предвидени со Предлог-законот за финансиска поддршка на инвестициите, се планира дополнителна мотивација која, како модалитет, би се вметнала или во тој текст на законот или во Планот за економски раст, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Работиме на тоа, како да се реализира поддршката и за граѓаните кои работат надвор од земјава. Сакаме да ги мотиивираме да се вратат во Македонија и тука да отворат бизниси – изјави Бектеши по средбата со членките на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).
Тој апелира Собранието што поскоро да го донесе законот за поддршка на инвестициите откако во вторник ќе ја помине владината процедура. – Законот може да се донесе со 61 глас, но ги повикувам сите 120 пратеници да го поддржат, нагласи министерот.
Буџетот на Министерството за економија, додаде, е над 36 милиони денари од кои повеќето се алоцирани во Фондот за иновации со цел поддршка на фирмите.
Стопанствениците ги поздравиja владините мерки за поддршка и оценија дека се планирани доволно средства ако нивната распределба е правилна и соодветна. Многу е важно, како што изјави претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа, процесот да биде транспарентен, да се формира орган што ќе ја следи реализацијата на поддршката и да се воведат санкции за евентуални неправилности.
– Поддршката на малите и средните претпријатија е во интерес на економијата. Но, клучно е законите за оваа категорија фирми и процедурите да бидат едноставно применливи, да се овозможи полесно аплицирање за средствата зашто малите фирми немаат капацитет, ниту искуство во барање поддршка за развој – истакна Хоџа.
Посебно укажа на неопходноста од поддршка на фирмите во руралните средини, како и на жените – претприемачи.
Во овој контекст, министерот Бектеши информира дека денеска е објавен повикот за субвенционирање на жените – претприемачи.
Фото:МИА