Претседателот на косовскиот Парламент, Кадри Весели истакна дека е изненаден од изјавата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за преземените чекори на косовската Влада по депортацијата на шесте турски граѓани.
Тој наведе дека дека таквите изјави не придонесуваат за пријателството меѓу двете земји, Косово и Турција и ги оправдува одлуките на премиерот Рамуш Харадинај за разрешување на министерот за внатрешни работи и барањето за смена на првиот човек на косовската тајна служба, дека се активности на една независна држава.
– Не потклекнуваме на надворешен притисок, а ваквите изјави се загрижувачки затоа што доаѓаат од лидер на пријателска земја, чија поддршка за нашата држава беше постојана, пред и за цело време на нејзиното постоење. Затоа таквите изјави не придонесуваат во зајакнување на пријателството и взаемната соработка, на што е посветена нашата земја. Акциите на институциите на Република Косово се суверени и како такви тие не подлежат на надворешни притисоци. Во тој правец барањето одговорност на раководителите на безбедносните институции е внатрешно прашање и е во надлежност на раководството на Косово,оцени Весели.
Реакцијата на Весели е прва од државнот врв на Косово по изјавата на турскиот претседател, кој меѓу другото на Харадинај му забележува за разрешувањето на косовскиот прв полицаец, Фламур Стефај и барањето за смена на првиот разузнувач, Дритон Гаши (за негово разрешување е одговорен претседателот Хашим Тачи, кој до сега не се огласи ни по ова прашање) и му се закани дека ќе одговара за менаџирањето на состојбата со депортираните турски државјани. Ердоган побара од косовските граѓани да протестираат против Харадинај, кој ги штити „терористите“, порачувајќи му дека „премиерските денови му се одброени“.
Шест турски државјани беа уапсен во четвртокот и по итна постапка беа депортирани од Косово, со одлука на Министерството за внатрешни работи, кое им ги укина дозволите за престој во Косово. Тоа се случило откако косовската тајна служба во соработка со турската, констатирале дека истите лица претставуваат опасност по националната безбедност на Косово. Харадинај изјави дека не бил запознат за тоа и го разреши првиот полицаец и нареди темелна истрага за вмешаност и на други полициски функционери.