Велимир Жерновски изложи креации во Грац

Изложбата во Грац ја отвори директорката на центарот „Ротор“ Маргарете Маковец, а на отворањето присуствуваше и Василка Попоска-Треневска, амбасадор на Македонија во Австрија

259

Уметникот Велимир Жерновски со свои креации се претстави на изложба во Грац која е дел од проектот „Западниот Балкан повикува” (West Balkan Calling) и во организација на Центарот за современа уметност „Ротор“ беше отворена на 9 март.

Жерновски, кој подолго време соработува со центарот „Ротор“, се претстави со постери, фотографии и скулптура со кои го искажа своето уметничко видување на современите случувања во Македонија, соопшти Амбасадата на Република Македонија во Австрија.

Центарот „Ротор“ се наоѓа во Грац, вториот по големина град во Австрија. Основан е во 1999 година и е специјализиран за современа визуелна уметност која третира исклучиво социјални, политички, еколошки и економски теми.

Во рамки на проектот „Западниот Балкан повикува”, „Ротор“ воспостави мрежа за соработка со голем број сродни институции во Централна и Југоисточна Европа, за иницирање и интензивирање на нивната соработка.

Особено внимание притоа се придава на програмата „Размена и престој на уметници”, во која уметници од земјите од регионот на Западниот Балкан престојуваат одреден период во други средини каде творат и разменуваат искуства со локални уметници.

Изложбата во Грац ја отвори директорката на центарот „Ротор“ Маргарете Маковец, а на отворањето присуствуваше и Василка Попоска-Треневска, амбасадор на Македонија во Австрија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...