Британската премиерка Тереза Меј со писмо го информира хрватскиот колега Андреј Пленковиќ дека од 1 јули оваа година за хрватските работници ќе се укине ограничувањето за пристап на британскиот пазар за работна сила.
Тоа значи дека хрватските државјани во Обединетото кралство ќе имаат исти права како и останатите граѓани на ЕУ и за вработување веќе нема да им биде потребна работна дозвола, пишува весникот „Слободна Далмација“.
Хрватска стана антиработничка држава и се повеќе луѓе заминуваат во потрага за подобри работни услови во Европа. Таа е единствена земја во ЕУ каде, според неодамна објавените податоци, платите се пониски отколку во 2010 година.
Отворањето на вратите на Британија од јули ќе предизвика нов бран иселувања од Хрватска, со цел повисоки плати, посигурно работно место и подобра перспектива пред конечниот Брегзит во 2019 година.