Во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“ и под покровителоство на Амбасадата на Република Австрија во Македонија, вечер ќе се одржи традиционалниот 19. „Виенски бал“ во Скопје.
Како што наведуваат организаторите, авангардната културно-музичка манифестација „Виенски бал 2018“ се одржува 19 години по ред, без прекини и се овозможува и македонската метропола да има оригинален виенски бал во својата културна понуда.
Од минатата година, „Виенски бал Скопје“ е ставен и на светската мапа на виенски балови. Поради долготрајноста и успешноста во организирањето на балот кај нас, годинава организаторот доби и поздравно писмо од градоначалникот и гувернер на Виена, Михаел Хојпл со кое го поздравува организирањето на традиционалниот централен настан на општествениот живот во Виена и во Скопје.
Професионалниот оркестарот „Јохан Штраус“ ќе музицира под диригенство на Бисера Чадловска. Танчерите на танцовиот клуб „Прима Данца“ ќе изведат атрактивни танцови точки, а магијата на балетските точки на сцената на балот ќе ја донесат првенците на Балетот при МОБ – Марија Кичевска и Бобан Ковачевски. Гостите ќе имаат можност да уживаат во настапите на „Тумбао салса бенд“, Нина Јанева, Горан Папас и „2Еxit“.
„Виенски бал“ во Скопје има и хуманитарен карактер и секоја година се обезбедуваат и средства за поддршка на оние на кои им потребна. Годинава тоа е граѓанската организација на лица со и без хендикеп, која работи на суштинско поврзување и целосно остварување на основните човекови права и слободи на лицата со хендикеп- „Полио плус“.
ФОТО: Архива/Плусинфо