Официјалната забава на американската Академијата за филмски уметности и науки по доделувањето на Оскарите ќе ја опслужуваат 850 луѓе, а за забавата потребни се 13.000 чаши за пијалак, 4.800 чинии, 4.500 садови за десерт и 6.000 виљушки.
Во Театарот Долби во Холивуд има седишта за 3.400 лица, но само 1.500 од филмаџиите ќе ја имаат честа да присуствуваат на оскаровскиот Гувернерски бал откако ќе бидат поделени златните статуетки.
И оваа година кулинарскиот велемајстор Волфганг Пак ќе биде задолжен Холивуд добро да се нагости. Тој со својот тим ќе подготват 60 специјалитети, меѓу кои ќе има чаден лосос, супа со кавијар, позлатен кавијарски деликатес, макарони и сирење, специјалитети од суши и најразновидна морска храна. На менито ќе се најдат и деликатни закуски од чоколадо, јагоди и крем, а за потребите на забавата ќе има и 1.200 килограми мраз.
Гостите ќе може да уживаат во пијалаци од винаријата Френсис Форд Копола, од каде ќе снабдат два вида на лимитирано издание на вино, специјално за Оскарите.
Спонзорот за текила ќе донесе коктел мајстор кој ќе помине 24 часа подготвувајќи 5.000 специјални коктели за оскаровската забава. За декорирање на коктелите ќе се потрошат 2.000 јадливи цветови.
Инаку, академијата ја продолжува својата традиција на еколошка свесност со тоа што неискористената храна ќе ја донира во непрофитна организација за соромашните. Пластиката, металите, стаклото, па дури и теписите, ќе бидат рециклирани, а енергија ќе се штеди со користење на лед сијалици.
Целата сцена ќе биде уредена од славниот аранжер на цвеќиња Марк Хелд. На Хелд му биле потребни 5.000 сукуленти и илјадници рози од Јужна Америка, Холандија и Калифорнија за да се постигне ефект на градина. По забавата, растенијата ќе бидат посадени на одредено место.