Турски театар-Скопје со претставата „Отело“ на 8 март ќе учествува на 5. Меѓународен театарски фестивал на балканските земји во Бурса, Турција, на покана на селекторот на фестивалот.
Шекспировиот „Отело“ Турски театар-Скопје премиерно го изведе во јануари минатата година. Режисер на претставата е Дејан Пројковски со кого овој ансамбл има неколку соработки почнувајќи од првата („Гилгамеш“) која ја постави пред десетина години.
Според Пројковски, трагедијата „Отело“ е продолжение на лабораторијата за антички театар од неговата претходна претстава во овој театар – „Прометеј“.
– Се работи за театар на движења – шестемина актери играат во вода во мал базен, така што претставата се занимава и со издржливоста на актерското тело – рече Пројковски лани пред премиерата на матичната сцена.
Насловниот лик го игра актерот Џенап Самет. Во актерската екипа се и: Сузан Акбелге, Селпин Карим, Осман Али, Зубејде Али и Неат Али. Кореограф е Олга Панго, музиката е на Горан Трајкоски, сценограф е Татјана Христоска-Блажевска, а костимограф Тања Кларис.