Вечерва со почеток во 21 часот во ноќниот клуб Станица 26 во организација на 3Гонга ќе настапи харизматичната американска вокалистка Камил Слеџ. Овој специјален настан е всушност трибјут концерт во чест на кралицата на соул музиката Арета Френклин.
Ова возбудливо и авантуристичко музичко патување ќе ни го овозможи Камил Слеџ, инаку, ќерка на Деби Слеџ, една од четирите сестри, музички икони на култната група од 70-тите години Sisters Sledge.
Камил го наследи талентот на својата мајка и во Станица 26 ќе нè води низ нејзините лични изведби и аранжмани на музичките класици од Френклин, песни како што се „Respect“, „Chain of Fools“, „You Make Me Feel Like A Natural Woman“ и многу други. Заедно со Камил на сцената ќе настапат и поранешниот тапанар на Принс, David „Fingers“ Haynes, Ken Linh Doky на пијано и Romulo Duarte на бас. Билетите за овој ексклузивен настан се по цена од 800 денари.