Чилеанската актерка Даниела Вега е прва отворено трансродова жена, која ќе учествува на свеченоста на 90-тото издание на доделувањето на Оскарите.
Американската филмска академија соопшти дека Вега, ѕвезда од филмот „Фантастична жена“, кој е номиниран за најдобар странски филм, ќе биде меѓу лицата што ќе ги доделуваат Оскарите.
– Тоа е прекрасно, но се надеваме дека не е за последен пат – изјавила трансродовата новинарка Зои Тур.
Драмата „Фантастична жена“, во режија на Себастијан Лелио, се занимава со животната приказна на една транссексуална пејачка во ноќен клуб, чиј живот целосно се менува откако момчето ќе ѝ почине на раце.
– Фактот дека сум трансродна, ѝ дава поголема уверливост на приказната – изјави Вега за филмот.
Даниела Вега е оперска пејачка и театарска актерка од Чиле.