Транспорт во јуни ќе се всели во барокот на Филип Втори

Зградата е темелно реконструирана и доградена со два нови ката во барок стил. Доградениот објект се простира на површина од 4.580 квадратни метри.

250

Министерството за транспорт и врски во јуни ќе се всели во доградениот и барокизиран објект на плоштадот Филип Втори. Информацијата за Плусинфо ја потврди министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Реновирањето на зградата започна на крајот на 2011 година и требаше да биде завршено за една година, но поради низа измени во текот на изведување на работите траеше до сега.

Претходното раководство на Министерството за транспорт, неколкупати се правдаше дека реконструкцијата доцни поради проблем со статиката и проблеми со темелите на објектот.

Сегашното раководство, пак, лани соопшти дека зградата е готова и опремена, но не бил извршен технички прием. Потоа проблем беше и тоа што Општина Центар ги стопира урбанистичките планови во централното подрачје. Проблемот се најде и пред Уставниот суд.

Покрај Министерството за транспорт и врски, во старо-новата зграда планиорано е да се сместат и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот комунален инспекторат и Агенцијата за сигурност во железничкиот систем.

На овој начин, како што беше првично планирано, ќе се овозможи сите сектори и органи на ресорот транспорт и врски да бидат на едно место, наместо како што е сега на повеќе локации во Скопје.

Реконструкцијата на зградата ја изврши градежната компанија „Бетон“ и до сега за тоа се потрошени речиси 6 милиони евра.

Зградата е темелно реконструирана и доградена со два нови ката во барок стил. Доградениот објект се простира на површина од 4.580 квадратни метри.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...