Институциите ги отвораат податоците за да биде јавноста сигурна за тоа каде се троши и како се троши, порачаа денеска министрите за финансии Драган Тевдовски и за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, конференцијата „Предизвици во реформите во јавната администрација“ организиран од СИГМА.
Тевдовски најави дека Министерството за финансии подготвува платформа на која граѓаните ќе можат да ги следат сите исплати од трезорот.
– Со овој чекор ќе придонесеме до целосно отворање на процесите на управување со јавните финансии кон јавноста – рече Тевдовски.
За подобрување на транспарентноста изработен е и нов закон за евиденција на обврски кој е во собраниска процедура.
Во финална подготовка е софтвер во кој општините, јавните претпријатија и фондовите ќе ги евидентираат сите преземени обврски. На тој начин ќе има целосна отчетност за државните обврски и ќе се избегне нивно натрупување во иднина.
Манчевски, пак рече дека реформата на јавната администрација претставува континуиран процес на реорганизација на институциите во јавниот сектор и унапредување на нивниот капацитет.
– Главната цел што треба да се постигне со Стратегијата е конечно граѓаните да добиваат побрзо, дигитализирано и поефтино услуги кои им се потребни за поквалитетен живот. Со цел намалување на точките за контакт помеѓу корисниците на услуги и институциите ќе се воведат центри „Единствена точка на услуги“, а бројот на услугите кои се нудат на овој начин постепено ќе се зголемува“ – рече Манчевски.
Тој се осврна и на тоа како дигитализацијата и намалувањето на човечкиот фактор ќе влијае и врз намалувањето на корупцијата.