Косовскиот претседател Хашим Тачи, за кого се тврди дека се согласил со идејата за поделба на Косово, попладнево изјави дека „идејата е далеку од неговиот ум и институциите во Косово“.
На заедничката прес-конференција со словенечкиот претседател Борут Пахор, кој е во дводневна официјална посета на Прштина, Тачи изјави дека ваквите идеи не носат ни мир, ни стабилност и оти тие не се на косовските институции.
Според него, идеите за поделба на Косово постоеле и порано,но тие, оцени тој, се штетни и дестабилизирачки за Косово.
– Ова е нешто мртво. Имаше идеи за поделба порано,но јас бев јасен,почитувањето на територијалниот интегритет е повеќе од значаен. Прашувате за вмешаност на Албанија.Тоа не е потребно. Косово е суверена земја и сама одлучува. Греши оној кој мисли дека ние дискутираме за Косово преку Албанија – посочи Тачи.
Новинарот Берат Бужала деновиве пишуваше дека косовскиот претседател Хашим Тачи, албанскиот премиер Еди Рама и лидерот на ДУИ, Али Ахмети разговарале за промена на границите на Балканот.
Тој објасни дека едно такво сценарио ќе важи само за промена на границите на Косово, но не и за другите балкански земји.
– Претседателот Тачи, премиерот Рама и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, разговараа во Тирана за поделбата на Косово, за исцртување на границите на Балканот и слични идиотизми. Такво нешто, такво сценарио, нема да ги менува границите ни една друга држава, освен границите на Косово – напиша Бужала на својот профил на „Фејсбук“, при тоа цитирајќи го вицепремиерот на Австрија, кој предложил автономија за северниот дел од Косово.
– Како резултат на тоа, ќе имаме такви реакции, како онаа на заменик премиерот на Австрија – додава Бужала.
Весникот „Експрес“ наведува дека австрискиот заменик канцелар предложил „право на самоопределување“ за северниот дел на Косово.
– Во петокот навечер политичката класа во Косово, под диригенство на претседателот Хашим Тачи, откако не успеа да го укине Специјалниот суд, почна со нова авантура,толку опасна,уште повеќе сомнителна: поделба на Косово со Република Србија.Се подразбира оваа идеја на почеток ќе се обидат да ја прошверцуваат во јавноста како размена на територии – пишува приштински „Експрес“.
Поранешниот шефот на косовската дипломатија, Скендер Хисени, изјавил дека промената на гранците не може да биде без трагедии и загуба на човечки животи.
– Промена на границите или размена на територии неодминливо носат и нови војни а се предлози на политички авантуристи – изјавил Хисени.