На потрошувачите од денеска им е достапна веб платформата Switch.mk на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на која може да направат споредби на дополнителните понуди од страна на активните снабдувачи на пазарот на мало со електрична енергија и да добијат јасни и сеопфатни и ажурирани информации за цените на струјата, периодот на траење на договорот за снабдување, фактурирањето, како и другите услуги поврзани со снабдувањето.
Алатката Switch.mk е наменета пред се за малите потрошувачи и домаќинствата и има за цел да им помогне при нивниот избор на снабдувач со електрична енергија. Достапна е на македонски, албански и англиски јазик. Изработена е со техничка поддршка од USAID и Националната асоцијација за регулаторни комисионери – NARUC, а во консултација со активните снабдувачи со електрична енергија.
– Регулаторната комисија за енергетика е прва во регионот и во Енергетската заедница која воведува функционална алатка за споредба на цените на електричната енергија. Switch.mk овозможува транспарентност на малопродажните цени со што компаниите ќе имаат директна корист во намалување на нивните трошоци за електрична енергија – рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека алатката ќе придонесе фирмите да ги намалат нивните трошоци за струја и додаде дека со нејзиното воведување се покажува дека РКЕ има исклучителен капацитет и посветеност да ја донесе иднината пред и формално да има обврска за тоа и пред голем дел од земјите од Европската Унија.
– Платформата нуди и други корисни информации за потрошувачите со цел подобро разбирање како функционира пазарот на електрична енергија, кои се нивните права и обврски, како да се заштеди енергија,… Овозможува прикажување индикативна крајна цена за електрична енергија за секој снабдувач и за секоја објавена понуда, а снабдувачот не може да склучи договор со потрошувачот по цена и под услови понеповолни од објавените на платформата – рече Бислимоски.
Индикативната цена, како што кажа, е пресметана врз основа на цената на електричната енергија содржана во понудата, просечната цена на струјата произведена од повластени производители од ОИЕ кои користат повластени тарифи, просечните тарифи за користење на услугите за пренос и дистрибуција на струја, надоместок за оператор на пазар на струја и ДДВ, а заради поедноставување на пресметката не е вклучен надоместокот за јавно осветлување.
– Во овој момент на Switch.mk се објавени конкурентни понуди од снабдувачите пред се за малите компании, а за домаќинствата има само понуда од универзалниот снабдувач од причина што снабдувачите на слободниот пазар се уште не можат да понудат пониски цени од регулираната – рече Бислимоски и потенцира дека разликата меѓу најниската и највисоката понуда е дури 28 отсто.
Маргарита Липковска Атанасов од USAID посочи дека алатката е моделирана според најуспешните примери на вакви модели во Охајо и Пенсилванија и во неа има вградено и модели за комуникација и едукација на јавноста по примерот во САД.
– Преку своите билатерални и регионални проекти USAID во континуитет обезбедува поддршка на Република Северна Македонија во развојот на конкурентен пазар кој ги исполнува барањата на третиот енергетски пакет. Нашите имплементатори NARUC и локалниот тим на консултанти со поддршка на Мисијата на USAID во Македонија заедно со РКЕ работеа на изработката и дизајнот на оваа алатка, но и на подготвување на правилата за нејзина употреба – рече Липковска Атанасов.
Таа посочи дека алатката ќе треба постојано да се надградува и ажурира, а како што најави Бислимоски, тоа се планира да се прави уште од утре.