Голем број уредници и директори на светски медиуми, односно 62 отсто од нив сметаат дека огласувањето во медиуми е сѐ помалку битно, а секој десетти од нив планира да го намали или целосно да ги укине огласите во своите изданија. Тоа се наведува во анализа на Ник Њуман од Институтот за студии на новинарство на Ројтерс врз основа на истражување меѓу 194 уредници и директори на водечки светски медиуми.
Во анализата се наведува дека огласите во печатените медиуми и понатаму се исплатливи, но на компјутери главно се игнорираат додека на мобилни телефони се ирелевантни.
Њуман во анализата истакнува дека цените на огласите се исклучително намалени а додека програмите за блокирање реклами на интернет сѐ повеќе се шират. Исто така, големите платформи земаат поголем дел од парите од дигитално огласување, објави Данас.
Повеќе од 40 отсто издавачи сметаат дека дигиталната претплата може да значи добар приход дури подобар од сите други опции.
Како примери се наведени успесите на Њујорк тајмс кој има 2,3 милиони претплатници на дигиталното издание и Вашингтон пост кои лани регистрираа двојно поголем број претплатници – еден милион. Исто така, споменати се и голем број европски весници, како што се Хелдингин саномат од Финска, таблоидите како Билд во Германија, но и локални весници во Норвешка.
Истражувањето покажува дека голем број млади луѓе сѐ повеќе се заинтересирани да плаќаат читање вести отколку што досега се сметало.
Успехот на Де Коресподент и нивното независно новинарство привлекло 60 илјади членови кои плаќаат и тоа покажува дека таков модел е можен и во мали држави.
Исто така, донациите до Гардијан минатата година им донеле повеќе милиони фунти приходи.
Сепак, Њуман предупредува дека има и понатаму разлики што водат кон сомневање.
Голем број луѓе немаат намера да плаќаат било што за онлајн вести, ниту сега, ниту во иднина, се смета дека претплатата може да успее само во богати развиени држави и додека во малите држави уредниците сѐ уште се плашат да ризикуваат. Исто така, се наведува дека се поисплатливи брендирани текстови и страници, контекстуални линкови, за разлика од класичните огласи.