Стопанската комора на Македонија ја поздравува иницијативата на надлежните органи на Република Македонија и Република Србија за формирање меѓувладин комитет за решавање на трговските бариери и унапредување на размената кој ќе има за задача да ги нотира сите отворени прашања.
Воспоставувањето ваков вид соработка за надминување на бариерите во меѓусебната трговија беше континуирано барање на Стопанската комора на Македонија во изминатите 15 години.
– Неопходно е во што е можно покус рок да бидат отстранети сите бариери во меѓусебната трговија и да се работи на забрзување и олеснување на процедурите на граничните премини, со што би се спречиле долги задржувања и би се овозможил брз проток на стоки, што е во духот на Берлинскиот процес и создавањето на заеднички економски пазар – велат од Комората.
Вкупната трговска размена на Македонија со Србија во 2017 година достигна 802,88 милиони долари со раст од 11 отсто во споредба со 2016 година. При тоа, остварен е извоз во вредност од 249,05 милиони долари кој бележи раст од 15,94 отсто споредено со 2016 година. Увозното салдо е 553,8 милиони долари и бележи раст од 8,96 отсто споредено со 2016 година. Евидентирано е негативно трговско салдо со дефицит од 304,8 милиони, во однос на 2016 година зголемен за 3,87 отсто.
Лани Србија беше четврти најважен партнер во надворешно-трговската размена на Македонија, зад Германија, Велика Британија и Грција.
Според Комората, компаниите се уште се соочуваат со многу тешкотии од административен и од технички карактер во меѓусебната трговија – непризнавање на сертификатите и другите документи кои се однесуваат на квалитетот и техничките стандарди на стоката што се тргува, обврски за приспособување на амбалажите на производите или за приспособување кон стандарди кои се применуваат само на српските пазари, спроведување анализи на граничните премини кои се поврзани со временско оддолжување, но и зголемување на трошоците за извоз (што особено има влијание кога се извезува помала количина од одреден производ, па износот на овие трошоци може драстично да ја зголеми цената на производите и да ги направи неконкурентни на српскиот пазар, но и кај производите што имаат релативно пократок рок на важност).
– Потребата за обезбедување на слободното движење на стоки/услуги во целиот регион со цел намалување на трошоците и зголемување на конкурентноста на стоките и услугите на глобалниот пазар е прашање од витално значење за бизнис-заедницата, и во таа насока, цениме дека е потребно во работењето на меѓувладиниот комитет, покрај претставниците на надлежните институции во Република Македонија и Република Србија, да бидат вклучени и претставници на бизнис-заедницата – истакнуваат од Комората.