Главен акцент во работењето на Стопанска банка а.д. Битола лани беше ставен врз креирање дополнителна вредност како за клиентите така и за Банката преку остварување на клучните стратегиски и деловни цели дефинирани во Деловната политика, развојниот и финансискиот план на Банката. Притоа, Банката го приспособуваше своето работење на промените во домашните економски услови, модерните банкарски текови и глобалните пазарни случувања.
Стопанска банка а.д. Битола лани оствари позитивен финансиски резултат, односно нето-добивка во износ од 43,01 милиони денари, којa е повисокa за 43,06 отсто во однос на лани. Тековното остварување првенствено е резултат на повисоките приходи од редовното работење, оптимизација на дел од трошоците преку поддршка на зголемениот обем на работа со постојан стручен кадар, наплата на дел од отпишаните побарувања евидентирани вонбилансно, како и издвоени помали загуби за оштетување на финансиските и нефинансиските средства. Ваквото остварување е речиси двојно поголемо во однос на планираното, односно нето-добивката го надминува планот за 82,16 отсто.
Нето-приходите од камати се повисоки за 6,41 отсто, односно 19,03 милиони денари во однос на остварувањето од минатата година, додека планот беше остварен со 103,72 отсто. Кај приходите од камати беше евидентиран подинамичен годишен раст од 25,86 милиони денари, што генерално се должи на зголемено кредитирање на секторот домаќинства во согласност со напорите за дисперзија на ризик и проширување на клиентската база. Ова резултираше со остварување од 100,26 отсто на планот кај приходите од камати. Доброто управување со изворите на средства и нивните цени придонесе за раст од само 6,83 милиони денари на страната на расходите, одразувајќи ги зголемениот депозитен потенцијал и високата доверба на јавноста во Банката. Сето ова придонесе за остварување пониски расходи за камати од планираните, односно процентот на исполнување на планот во оваа позиција изнесуваше 93,46 отсто.
Нето-приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 8,38 милиони денари, што претставува годишен раст од 9,26 отсто. Ваквиот раст е одраз на зголемениот обем на кредитни работи, работи во платниот промет, работи со платежни картички и останати активности за чија реализација е определен надоместок кој генерира приход. Главен фактор кој предизвика раст на страната на расходите беше воведувањето на новиот производ ‒ Master Card, чии ефекти во следната година се очекува да се рефлектираат на приходната страна. Со тоа беше постигнато остварување од 95,81 отсто на планот кај нето-приходите од провизии и надоместоци.
Нето-курсните разлики се пониски за 1,34 милиони денари споредено со минатогодишното остварување, додека планот е остварен со 77,21 отсто.
Останатите приходи од дејноста се пониски за 12,68 милиони денари, односно 21,74 отсто споредено со 2016 година, кога беа преземени низа активности за продажба на дел од преземениот имот и намалување на неговото учество во вкупната актива на Банката, што придонесе за реализирање позначајни капитални добивки од продажба на преземен имот во тој период.
Исправката на вредноста на финансиските средства, на нето-основа, е пониска во однос на претходната година за 23,59 отсто, што генерално се должи на оценет подобар квалитет на новите пласмани и на дел од постојното кредитното портфолио.
Загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа, за 2017 година изнесуваше само 2,97 милиони денари, што претставува помал износ за 78,31 отсто споредено со минатата година. Ваквото остварување е резултат на доброто управување со преземениот имот и негова продажба во согласност со поставените плански цели.
Трошоците за вработените се пониски за 2,97 отсто во однос на 2016 година, што е одраз на настојувањата за поддршка на зголемениот обем на работа со постојниот стручен кадар во насока на подобрување на ефикасноста во работењето. Планот кај оваа позиција е остварен со 92,67 отсто. Останатите расходи од дејноста се повисоки за 13,72 отсто, што главно е резултат на повисоки трошоци за одржување и унапредување на системите за работа и опремата. Амортизацијата е зголемена за 16,89 отсто на годишна основа, додека реализацијата на планот изнесува 101,14 отсто.
Лани нема промени во сметководствените политики и методи за евидентирање и вреднување на ставките во финансиските извештаи споредено со последните ревидирани финансиски извештаи за 2016 година.
Во согласност со Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2016 година на Стопанска банка а.д. Битола, усвоена на седницата на Собрание на акционери одржана на 17.5.2017 година, добивката на Банката е распоредена во законски резерви. Исплата на дивиденда не беше предвидена.
Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30 отсто од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Намалување од 8,84 отсто на недвижностите и опремата споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2016 година, главно како резултат на пресметана амортизација и продажба на градежни објекти кои беа на неатрактивни локации.
Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30 отсто споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Обврските по кредити се повисоки за 4,99 отсто споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2016 година.
Очекувањата за периодот што следува се во насока на постепено стабилизирање на макроекономско опкружување и умерено забрзување на домашниот економски раст. Во согласност со Деловната политика, развојниот и финансискиот план, Банката и во идниот период ќе биде фокусирана на понатамошно подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и вкупната актива преку засилени активности за наплата на нефункционални кредити, одобрување нови изложености со прифатливо ниво на ризик и продажба на преземениот имот. Дополнително, Банката ќе го прилагоди работењето во согласност со новините предвидени со Меѓународниот стандард за финансиско известување – МСФИ 9, кои се имплементирани во домашната регулатива. Планираното проширување на дистрибутивната мрежа, како и понудата на иновативни производи и услуги се очекуваат да дадат соодветен придонес кон зголемување на клиентската база и остварување на планираниот раст на депозитниот потенцијал. Врз основа на ваквите активности, динамиката на раст на приходните позиции би била поголема во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде услови за понатамошно подобрување на финансискиот резултат на Банката.