„Стандард и пурс“: Политичките тензии можат да го влошат кредитниот рејтинг

Агенцијата нотира дека политичката стабилност е подобрена со формирањето на владата, како и дека е забележан напредок во решавањето на спорот со Грција околу името.

203
ФОТО: EPA/JUSTIN LANE

Aгенцијата „Стандард и пурс“ соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ-, со стабилен изглед. Потврдата на стабилниот изглед ги одразува оценките на „Стандард и Пурс“ за балансирани ризици помеѓу траекторијата на јавниот долг и политичката неизвесност од една страна, и поволните економски перспективи на земјата од друга страна.

„Стандард и пурс“ нотира дека политичката стабилност е подобрена со формирањето на владата, како и дека е забележан напредок во решавањето на спорот со Грција околу името. Според извештајот, ова би требало да резултира со подобрување на довербата и интензивирање на економскиот раст. „Стандард и пурс“, исто така, ги наведува плановите за значајни реформи во правосудството, јавната администрација, јавните набавки и транспарентноста, и притоа напоменува дека на овие полиња веќе има одреден напредок, вклучително и во зголемената транспарентност на јавните финансии.

Според извештајот, политичките случувања во минатото имале негативен ефект врз економскиот раст, кој забавил од 3,9 отсто во 2015 на 2,9 во 2016 и на нула во 2017. Се очекува дека растот ќе забрза на околу 3 отсто во 2019 година, при позитивен придонес на јавните и приватните инвестиции како одраз на подобрената политичка стабилизација, а се очекува и позитивен придонес од нето-извозот. „Стандард и пурс“ го оценува јавниот долг на Македонија како умерен во глобален контекст, и проектира дека на среден рок долгот ќе изнесува 47 отсто од БДП (државниот долг и долгот на Јавното претпријатие за државни патишта – ЈПДП). Притоа, оваа оценка го одразува очекуваниот буџетски дефицит, но и растечкиот долг на ЈПДП, како и подмирувањето на неплатените обврски кои беа објавени по трансферот на власта.

„Стандард и пурс“ наведува дека може да дојде до подобрување на рејтингот доколку реформите кон економски раст базиран на повеќе извори резултираат со повисок раст на доходот, при повисока ефективност и отчетност на јавните институции и процесот на водење на политики. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијае враќањето на политичките тензии, што би имало негативен ефект врз растот и странските инвестиции, како и во случај на фискална недисциплина или вон-буџетски активности кои би ја довеле во прашање оддржливоста на јавниот долг.

ФОТО: EPA/JUSTIN LANE

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...