Спилберг: Филмовите на „Нетфликс“ не треба да се борат за „Оскар“

Спилберг признава дека модерната телевизија станала проблем за киното, слично како во 1950-тите кога луѓето почнале да гледаат од дома, бидејќи им било позабавно да останат со пријатели, отколку да одат во кино.

558

Масивното присуство на „Нетфликс“ на мултимедијалниот пазар буди силни и контрадикторни чувства кај традиционалните претставници на филмската индустрија, бидејќи стриминг гигантот одбива да пушта филмови во кината пред да се појават во неговиот каталог. Ова значи дека филмовите на „Нетфликс“, кои претендираат за престижни награди, имаат многу кратко деби, бидејќи повеќе кина одбиваат да пуштаат филмови кои се веќе достапни на интернет.

Според легендарниот режисер Стивен Спилберг, проекциите за само една недела не се доволни за филмот на „Нетфликс“ да биде номиниран за Оскар.

– Мислам дека филмовите што имале симболична премиера во само неколку кино-сали за помалку од една недела не треба да се квалификуваат за награди на Академијата-  вели тој.

Спилберг признава дека модерната телевизија станала проблем за киното, слично како во 1950-тите кога луѓето почнале да гледаат од дома, бидејќи им било позабавно да останат со пријатели, отколку да одат во кино.

– Холивуд е навикнат да се натпреварува со телевизијата, но разликата денес е дека повеќето студија претпочитаат да направат само загарантирани високи буџетски хитови наместо да ризикуваат со помали филмови. Истите тие помали филмови, кои претходно биле редовно правени, денес одат во „Амазон“, „Хулу“ и „Нетфликс“ – рече Спилберг.

Треба да се истакне дека политиката на „Амазон“ e поинаква од онаа на „Нетфликс“ и филмови како „Болни од љубов“ и „Манчестер крај морето“, кои добија вистински кино-премиери пред да се појават во „Амазон Прајм“, па дефинитивно има желба традиционалниот модел да биде зачуван.

„Нетфликс“, сепак, продолжува да избегнува слично однесување, а тоа предизвикува проблеми, цени режисерот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...