Собранието ја почна расправата за Законот за финансиска поддршка на инвестициите ВИДЕО

Законот ќе го промени актуелниот модел на помош за компаниите за кој е оценето дека е нетранспарентен.

132

Основна цел на законот за финансиска поддршка на инвестиции е да ја зголеми конкурентноста на македонската економија за да може рамноправно да учествува на меѓународниот пазар и да порасне БДП, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на собраниската Комисија за економски прашања, која денеска го поддржа Предлог-законот, во прво читање.

Според него, за да обезбедиме зголемување на БДП има една шанса, а таа е да ја следиме формулата која генерира зголемување на БДП.

– Постојат неколку области каде тоа може да се случи. Едната област е да се зголеми домашната потрошувачка, но во земја од два милиона луѓе и со ограничена платежна можност тоа тешко ќе се случи или тешко брзо ќе се случи. Втората можност е да се зголеми извозот, а ние токму тука сакаме да интервенираме. За да се зголеми извозот потребно е македонските компании да ја зголемат својата конкурентност и да бидат конкурентни на меѓународниот пазар. Токму тоа сакаме да го стимулираме со овој закон. Мислам дека многу успешно ќе го направиме тоа, а третата можност е да развивате инфраструктурни проекти што ќе биде направено со други мерки на Владата – рече Анѓушев.

Овој закон, посочи тој, треба да се гледа како поддршка за втората можност за зголемување на БДП, односно за зголемување на конкурентноста на македонската економија, за таа да може да се бори со цел свет.

– Знаеме дека сите држави прават одредени мерки за помош на својата економија. Мислам дека ова е првпат во историјата на независна Македонија после 25 години економијата да биде поддржана од Владата и од државата за да може да се бори со целокупната економија во светот – рече вицепремиерот за економски прашања.

Тој истакна дека законот се подготвувал повеќе од шест месеци и реално ја отсликува потребата на македонската економија, а донесува транспарентна шема која треба да резултира со општ пораст на целокупната економија во Македонија. Законот ќе го промени актуелниот модел на помош за компаниите за кој, додаде, ценевме дека е нетранспарентен, а со кој досега се потрошени 225 милиони евра, а се помогнати само 23 компании и притоа е направена нелојална конкуренција при што одредени компании имаат помош, а други не.

Министерот за економија Крешник Бектеши, кој ги образложи мерките кои ги содржи законот, побара што поскоро да биде донесен.

– Овој закон го подготви владин тим во соработка со сите стопански комори и разни експерти. Бараме ваша поддршка законот што е можно побрзо да ги помине собраниските процедури за домашните компании и странските инвеститори, за кои ние сме запознаени и како Влада сме потпишале 10 договори со нови инвеститори, да можат да ги користат овие мерки – рече Бектеши.

Законот ќе обезбеди правна сигурност и еднаков третман за сите компании – домашни и странски. Процедурата за аплицирање е транспарентна и ќе оневозможи корупција. Предуслов за аплицирање на компаниите за оваа финансиска помош се завршната сметка од 2017 година и зголемен приход во последните три години, како и да не биде намален бројот на вработени.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...