Врнежите од снег и падот на температурите што ја зафати Македонија нема да предизивкаат позначителни оштетувања кај земјоделските култури, вели Анѓелко Анѓелески, агрометеоролог од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
– Оптимист сум бидејќи температурите не се катастрофални, а добра околност е што не се очекува и нагло разведрување и затоплување. Во земјоделските региони температурите се околу нулата или се позитивни така што нема да предизвикаат посериозни последици. Снегот се задржува на овошките и единствено може да предизвика кршење на гранките – изјави Анѓелески за МИА.
Тој препорачува да се истресе снегот од гранките на овошките.
– Најизложени на промените на времето се овошките, бидејќи се расцветани, но под снегот кој се задржува на гранките цветот е заштитен и е со позитивна температура. Единствено кај раните сорти на сливи, праски и кајсии може да дојде до проретчување на родот, но не и до целосно уништување – потенцира Анѓелески.
Во почвата, посочува, од досегашните врнежи има многу вода, особено во некои делови од Пелагонија.
– Дополнително количество на вода во почвата ќе има во текот на наредната недела кога ќе почне да се топат снеговите, бидејќи од недела се очекува постепено затоплување – посочи Анѓелески.