СКАНДАЛ Јадеме чоколади без какао и млеко!

Се подготвува нов закон за потрошувачи кој треба да ги реши проблемите регистрирани во текот на изминатите години, но и да биде усогласен со европската правна практика.

3107

Чоколади без какао и млеко, нечесни клаузули во договори со банките и телекомуникациските оператори, различен квалитет на производите кои се произведуваат во Европа,а завршуваат на нашиот пазар, се проблеми со кои потрошувачите во земјава секојдневно се судираат, а кои треба да ги реши новиот закон за потрошувачи.

Ова беше речено на одбележувањето на светскиот ден на потрошувачите во Стопанската комора.

– Чоколадите за деца на македонскиот пазар воопшто не содржат млеко и какао, иако се така декларирани. Ова го покажуваат лабораториските испитувања. Купуваме супа на која се декларира дека е за четири чинии, а има само три што пак е одраз на нечесна деловна практика, соопшти денеска универзитетскиот професор Јадранка Дабовиќ-Атанасовска пред почетокот на настанот.

Професорката ги повика сите потрошувачи, независно од професијата, да се здружат и да покажат негативен однос кон трговците кои имаат нечесни практики и ги кршат правата на купувачите.

Дабовиќ-Атанасовска рече и дека различниот квалитет на производите кои се нудат на нашиот пазар од оној во Европската унија не може да се реши преку законите, туку треба да се направи обид Европа да нѐ почитува како потрошувачки пазар.

Ката Стојановска од Агенцијата за храна и ветеринарство задолжена за потрошувачките права рече дека годишно до Агенцијата пристигнуваат по 300 до 400 претставки, но најголем број од претставките се неосновани.

– Најчесто потрошувачите се жалат за проблем кој во законите е поинаку регулирани, па ние како Агенција не можеме да реагираме. Проблем е и тоа што производот може да претрпи измени и надвор од продажните капацитети што ни прави проблем при реакцијата – вели Стојановска.

Стојановска вели дека е потребна едукација на потрошувачите за да можат полесно да поднесуваат претставки.

Претседателката на организацијата на потрошувачите, Маријана Лончар-Велковска рече дека во наредниот период ангажманот на Организацијата ќе биде во заштита на правата на потрошувачите во однос на дигиталниот пазар.

– Сега веќе треба да размислуваме да ги изедначиме правата на потрошувачите на конвенционалниот кон дигиталниот пазар. Треба да ги заштитиме правата на потрошувачите во однос личните податоци, особено кога се работи за паметните уреди за деца, како што беше паметната играчка „Кајла“ која беше претставена лани. Паметните часовници за деца преку кои можете да ги следите децата каде се движат овозможуваат нив да ги следат и други луѓе. Дури и дигиталните телевизори се подлежни на следење. Со еден збор секој може да ве следи бидејќи софтверите на овие уреди немаат заштита – вели Лончар-Велковска.

Токму овие проблеми, како што рече таа, се тема на Светскиот ден на заштита на потрошувачи кој годинава е посветен на дигиталниот пазар.

Лончар-Велковска вели дека македонските он-лајн продавници треба да се усогласат со Законот за заштита на потрошувачите и да нудат можност за откажување на купо-продажните договори во рок од 14 дена.

-Нашите е-продавници сѐ уште не нудат формулар за откажување од договорот, ниту постои начин како да се врати купениот производ -рече таа.

Во земјава годинава ќе биде во знак на подготовка на нов Закон за потрошувачи во кој, како што рече, професорката Дабовиќ-Атанасовска, треба да се регулираат сите пропусти регистрирани во текот на изминатите години во практиката, но и целосно овој закон да биде усогласен со европската регулатива.

Судовите и инспекторите ќе се анагжираат повеќе, но ќе се дефинираат и можностите за колективна заштита која засега во Македонија е невозможна.

– Ако ве крадат за два-три грама во продавница, нема да покренете тужба. Во ваков случај, ако станува збор за кинескиот пазар, тогаш тоа е голема добивка за оној што е нечесен. Затоа сите мора да реагираме, за да бидеме заштитени како потрошувачи – рече Дабовиќ-Атанасовска.

Посебен проблем, кој треба да се реши со новиот закон, според неа, се договорите за банкарските кредити и осигурувањата.

– Сѐ уште имаме нечесни клаузули во банкарските договори и во договорите за осигурување. Се согласуваме на сѐ, зашто со оглед на сиромашните услови во кои живееме, многу ни значи да добиеме кредит. Но, кога ќе видите некои од клаузулите, сосема е јасно дека се тие нечесни за потрошувачите. Патот за заштита на потрошувачот од ваквите нечесни клаузули, за жал, сѐ уште во нашиот правен лавиринт не е сосема јасен – рече таа.

Законот во нацрт треба да биде готов до крајот на мај, а неговото донесување ќе зависи од Собранието.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...