Синдикатот за култура го изгуби трпението, бара подобри услови

Тоа што го бараме е поголема ажурност и ревоносност на Министерството за култура за почеток на менување на работите, затоа што во моментов состојбата е иста како што беше и пред седум до десет години,

286

Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ) бара повеќе енергичност и ажурност од ресорното Министерство во менување на работите и решавање на проблемите во културата кои, според нив, се исти како и во изминатите години. На прес-конференција денеска СКРМ побара поинтензивен ангажман за итно составување нов Закон за култура во чие креирање ќе бидат вклучени претставници на синдикати и носителите на дејност.

Претседателката на СКРМ Сања Арсовска рече дека во Националната стратегија усвоена од Владата е вметнато дека новиот закон ќе биде изготвен во 2018, а веќе е март и работата во Собранието е отежната. Бараат закон кој ќе биде поволен за сите уметници и културни работници. Сакаат, рече, да бидат вклучени во создавањето на новиот закон и нема да дозволат да им се повтори законот од 2014 година, кој не одговара на нивните барања и потреби.

– Министерството мора да се обврзе на поголема ажурност. Донесувањето нов Закон за култура, за нас уметниците и културни работници е од немерлива важност и претставува ставање крај на досегашниот Закон кој нас не стави во ригидна административна рамка, кој ја ограничи слободата на творење, кој претставува пример за легална закана од страна на работодавецот и отвора простор партиски притисок и манипулација. Донесувањето нов закон ќе овозможи и донесување нов колективен договор во кој ќе се решат моменталните проблеми од работниот однос -рече Арсовска, актерка во Драмски театар-Скопје.

Разочарани се, рече, од тоа што при креирањето на Стратегијата не биле прифатени нивните барања за Закон за театар и театарската дејност е единствената која во стратегијата е оставена без посебен закон. Затоа, кога стратегијата ќе влезе во собраниска процедура, од пратениците ќе бараат да поднесат амандмани за остварување на нивните предлози.

Голем проблем за нив се и систематизациите зашто, сметаат, имаат многу неправилности. Бараат од Министерство за информатичко општество и администрација да го пролонгира рокот по 31 март 2018 за изготвување систематизации за доделувања решенија за распределување на вработените.

– Тие се изготвувани селективно, забележани се законски пропусти како измислени работни места, противзаконски услови за напредок во кариерата и неадекватни распоредувања на вработените од едно на друго работно место. Бараме од МИОА да испрати допис до директорите на институциите со директива да бидат изготвени нови систематизации во кои ќе бидат вклучени синдикалните претставници и носителите на дејноста. Да се направат и соодветни промени во каталогот на звања, а вработените да бидат распоредени на работни места соодветни на нивното знаење и стручност -рече Арсовска посочувајќи разлики во систематизациите меѓу Драмски театар и Театар за деца и младинци во однос на напредувањето и преминувањето од една во друга група актери.

Со години, нагласи таа, работат во „ужасни услови без валоризирани звања“ и дека во институциите има доктори на науки кои, рече, имаат од 18.000 до 20.000 плата.

– Имаме разбирање, но не и трпение. Ќе ги вложиме сите напори, ќе вршиме и притисок за работите да се одвиваат малку побрзо. Во спротивно ќе ги искористиме правните механизми и сме спремни да ги оспориме систематизациите кои се противзаконски – рече претседателката на Синдикатот за култура.

Исто така, во Законот за вработените во јавниот сектор бараат категорија „носители на дејноста“ наместо постојната: „даватели на јавни услуги“ која според нив е навредлива и деградирачка етикета.

Третото барање е за Минстерството за финансии – да одобри средства за порамнување на платите во различните дејности на културата и за унапредувањето на вработените кои стекнале стручни и уметнички звања.

– Непочитувањето на колективниот договор од 2005 година, односно неговото неспроведување доведе до состојба во која секоја институција ги формулираше платите според политичкото лобирање на директорите кај власта. Иако колективниот договор е линеарен во категоризацијата на работните места за различните дејности, во реалноста има страшна дискрепанца не само меѓу дејностите, туку и меѓу институциите од иста дејност, па дури и меѓу вработените на исти работни места во една институција – истакна Арсовска.

Генералниот секрретар во СКРМ Гоце Павловски, вработен во НУ Стоби, смета дека на Министерството за култура му недостига енергичност за спроведување на она што е предвидено во Стратегијата.

– Тоа што го бараме е поголема ажурност и ревоносност на Министерството за култура за почеток на менување на работите, затоа што во моментов состојбата е иста како што беше и пред седум до десет години – рече Павловски.

Нивниот колега Александар Стојчевски, вработен во Македонската опера и балет, додаде дека се подготвени и на радиклани чекори доколку работите не се сменат зашто, рече, немаат трпение и време за подолго чекање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...