Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Македонија (СГИП) бара за изградба на патиштата да се избираат фирми кои ги исполнуваат обврските кон државата и кон работниците во поглед на загарантирана плата, надоместоци, работно време, годишен одмор. Бараат и да се ограничи степенот на подизведувачи.
– Не може да ги спречиме компаниите да учествуваат на тендер, но државата треба да внимава на кого ги дава работите посебно во градежништвото и индустријата за градежни материјали. Тоа значи дека апелираме да се дава работа на строго домашни компании кои произведуваат материјали и домашни компании од градежништвото кои имаат капацитет да ги изградат овие патишта. Се работи за големи финансиски средства кои обезбедуваат над 60 патни правци што значи дека сакаме наши компании кои ги исполнувале и ќе ги исполнуваат условите кон вработените, да ја земат оваа работа – рече заменик-претседателот на СГИП Иван Пешевски.
Претседателот на синдикатот на градежништво Павел Трендафилов, подвлече дека сите треба да ги почитуваат законите.
– Сега работа добиваат работодавачи кои не ги исполнуваат минималните обврски кон работниците и се врши злоупотреба и кршење на сите права од работен однос – рече Трендафилов.
Од Синдикатот сметаат дека македонските градежни компании имаат капацитет да одговорат на предизвиците во изградбата на патиштата со оглед на тоа што во градежниот сектор има околу 44 илјади градежни работници и околу четири и пол илјади градежни компании.
Најавија дека барањето ќе го испратат до надлежните институции.