Секинескиот народен конгрес денеска едногласно го поддржа реизборот на Си Џинпинг за претседател на Кина, а тој, исто така, повторно е избран и на должноста претседател на Централниот воен совет.
Гласањето, во присуство на новинарите, се оджа во Големиот народен дворец во центарот на Пекинг, а кинескиот Парламент беше преполн со делегати лојални на владејачката Комунистичка партија на Кина. Ниту еден од 2.970 делегати не гласаше „против“ или „воздржано“
– Се колнам дека ќе работам за изградба на голема социјалистичка модерна земја, изјави 64-годишниот Си, кој ја положи својата лева рака врз Уставот на Кина.
Минатата недела Секинескиот народен конгрес ја поддржа измената на Уставот, со која се укинати ограничувањата на претседателската власт, која досега беше лимитирана на два мандата по ред, со што на Си му се овозможува да остане доживотно шеф на државата.
За потпретседател на Кина е избран Ванг Цишн, близок соработник на Си и поранешен секретар на Централната комисија за проверка на дисциплината, која е главно тело на кинеските власти за борба против корупцијата.
Ли Чаншу е избран за претседател на Парламентот.
Кинескиот парламент усвои и план за реорганизација на Владата, со кој се овозможува спојување на регулаторните тела за банкарски и секторот за осигурување, исто така им дава нови овластувања на управните тела како што се централните банки и предвидува формирање нови министерства.
Реизборот на Си Џинпинг му го честита рускиот претседател Владимир Путин.
– Одлуката на Секинескиот народен конгрес претставува уште еден доказ за Вашиот голем авторитет, признание за Вашите достигнувања во обезбедување на динамичен општествен и економски развој на земјата, како и заштита на нејзините интереси во меѓународната арена, порача Путин.
ФОТО: EPA/WU HONG