Владата го разгледа и усвои Полугодишниот извештај за износот и бројот на одобрени кредити од Посебниот кредитен фонд (ПКФ), структурата по банки учеснички, како и состојбата на салдото, и го овласти министерот за финансии Драган Тевдовски со Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје (МБПР) да потпише Анекс кон Договорот за администрирање на Посебниот кредитен фонд бр.51-422/1 од 21.01.2011 година, склучен меѓу Владата и МБПР.
Со Анекс на Договорот склучен со МБПР ќе се намали каматната стапка за банките учеснички од 3 отсто фиксно годишно на 2 отсто фиксно годишно, ќе се намали каматната стапка за крајните корисници од до 8 отсто годишно на до 5 отсто годишно, ќе се зголеми максималниот рок на отплата на кредитите од 8 на 10 години и ќе се овозможи пласирање на кредити со намена и само за обртни средства со рок на отплата до три години со вклучен грејс период до шест месеци и со тоа ќе се обезбеди поголема поддршка на развојот од страна на Банката.
Како дополнителен заклучок, како што се наведува во соопштението, Владата ја задолжи Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје да подготви Стратегија за зголемување на капацитетите за финансирање на македонски компании, со поконкурентни цени и услуги, како и подобрување на условите за осигурување на извозот на македонски производи и во рок од 15 дена да ја достави до Владата.