Се бара намалување на обврските за малите и средни претпријатија

126

Од ОРМ велат дека скоро и да нема мерки и активности со кои се олеснува нивното работење или ќе ги ослободи од одредени обврски кои ги имаат.

Првите три години од формирањето малите и микро претпријатија да не се казнуваат и за нив да нема компликувани сметководствени и книговодствени барања, а владата да изготви мерки со кои ќе ги поттикне побрзо да се развиваат, побараа денеска од Владата учесниците на Конференцијата за проектот „Извозен акцелератор за мали и средни претпријатија“, финансиран од ЕУ која се одржа во ЕУ Инфо центарот.

– Деветнаесет отсто од овие претпријатија се затвораат уште во првата година, а 30 отсто од нив не издржуваат три години. Но овие претпријатија имаат значајна улога во економијата. Скоро 80 отсто од регистрираните компании се микро претпријатија до 10 вработени. Ако на нив се додадат оние од 10 до 20 вработени, нивното учество се зголемува на 83,6 отсто, а заедно со малите и средни претпријатија зафаќаат дури 97,8 отсто од сите регистрирани претпријатија – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи која е вклучена во проектот.

Оценка на Организацијата на работодавачи е дека иако микро, малите и средни претпријатија имаат значајна улога во економијата, скоро и да нема мерки и активности со кои се олеснува нивното работење или ќе ги ослободи од одредени обврски кои ги имаат како и големите претпријатија.

– Скоро да нема закон во кој за малите и средните претпријатија се постапува поинаку. Зошто првите три години сите контроли во малите и средни претпријатија да не бидат само опомена и обука, а не казна, и зошто во првите три години да имаат овластен книговодител. Можат да водат приходи и расходи во првите три години. Можеме да помогнеме на многу начини, има закони во кои дури и самите инспектори се свесни дека малите компании не можат да ги спроведат па им прогледуваат низ прсти – рече Димитров.

Според него, врз малите и средни претпријатија речиси да немало никакво влијание намалувањето на казните од претходната Влада во 2015 година, а планот за економски раст на сегашната власт според сегашните критериуми не нуди поддршка за нив, туку само за брзорастечките компании.

Димитров додаде дека со проектот „Извозен акцелератор за мали и средни претпријатија“ ќе се обидат конкретно да им помогнат на овие претпријатија

– Ќе ги зајакнемне нивните капацитети во производството, маркетингот и извозот на странските пазари, ќе ја зголемиме нивната конкурентска моќ со што ќе го осигураме нивниот опстанок и иден развој – рече Димитров.

Розалија Карчицка – Василевска од Институтот Сфера-Нова тим лидер на проектот рече дека цел на проектот е да ја подигне конкурентноста на малите и средните претпријатија и прагматично да придонесе во имплементацијата на националните стратешки документи за конкурентност.

– Проектот ќе придонесе за постигнување на конкурентска одржлива предност на извозот на прехранбено-преработувачката индустрија и ќе им помогне на малите и средните претпријатија во интернационализацијата, подигање на извозниот капацитет и можности. Конкретните бенефити од проектот за фирмите – учеснички ќе биде директната експертска поддршка во подготовката на извозната процедура и документација и други поврзани извозни активности (анализи, нови пазари, контакти со дистрибутивни мрежи и сл.) – рече таа.

Проектот има иновативен пристап и ќе ја зајакне поддршката при извоз на конкретни производи, со што ќе овозможи директен бенефит за вклучените мали и средни претпријатија. Во следните 24 месеци проектот ќе биде спроведуван од Организацијата на работодавачи на Македонија и Институтот за динамичен развој Сфера-Нова.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...