„Саса“ покрена судска постапка против Мултиетничкиот синдикат на образование

„Саса“ бара од надлежниот суд да донесе пресуда и времена мерка со која ќе ѝ забрани на оваа организација да доставува барања до компанијата и да организира какви било штрајкови и протести што можат да го нарушат нормалното функционирање на рудникот.

448

Во рудникот „Саса“ постои репрезентативен синдикат кој е дел од Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството – СИЕР, со кој менаџментот на компанијата преговараше и потпиша колективен договор во кој се дефинирани бенифициите и правата на работниците. Во тек се преговори меѓу раководството на рудникот и синдикатот на СИЕР за ново покачување на платите во текот на 2018-та година и дополнителни бенифиции за вработените во „Саса“.

Меѓутоа, од неодамна во јавноста се појави нова организација која е дел од Мултиетничкиот синдикат на образованието – МЕСО, која нелигитимно се претставува дека има членови во рудникот „Саса“. Имено, лицето Сашо Јованов кое се претставува како претседател на новата синдикална организација не е вработено во рудникот „Саса“, а дополнително новата организација не достави никакви докази во форма на писмени изјави и платена чланарина за ниту еден вработен во „Саса“, иако според законот тоа е единствениот начин да докаже дека е репрезентативен синдикат во компанијата.

Поради ваквата фактичка состојба, рудникот „Саса“ побара од надлежниот суд да донесе пресуда и времена мерка со која ќе ѝ забрани на оваа организација да доставува барања до компанијата и да организира какви било штрајкови и протести што можат да го нарушат нормалното функционирање на рудникот. Со ваквата состојба се информирани и надлежното Министерство за труд и социјалната политика и Владата на Република Македонија.

Во однос на некои јавно изнесени состојби во „Саса“, вистината е дека во однос на заштитата и безбедноста на сите вработени, рудникот  е лидер во рударската индустрија во Македонија и пошироко во Европа.

Имено, деновиве рудникот постигна нов рекорд од 500 дена без никаква повреда при работа што јасно покажува колку новите сопственици се посветени и вложуваат за одржување на висок степен на безбедност и заштита при работа во рудникот. Исто така, платите на вработените во САСА се двојно поголеми од просечните плати во земјата, а последното нивно покачување беше направено во февруари оваа година.

Новите сопственици на „Саса“ – компанијата Центар Азија Металс од Лондон, неодамна јавно се обврзаа дека ќе продолжат да вложуваат во развојот на рудникот и во стабилноста на работните места на сите вработени.

За потсетување, само пред десетина години, кога „Саса“ беше во државна сопственост, рудникот банкротираше и сите тогашни вработени останаа без работа. Сега, откако рудникот доби нови инвеститори, навистина добива нова шанса за одржлив развој од кој сите ќе имаат големи придобивки: и вработените, и локалната заедница, и економијата на земјата и инвесторите.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...