Кремљ денеска соопшти дека Русија останува отворена за можноста за состанок на претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп и покрај протерувањето на руски дипломати од САД.
Потпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека инструкциите на рускиот претседател Путин за подготовки за средба со претседателот на САД, Трамп остануваат во сила, но оти Кремљ нема информација дека истото се случува и во Вашингтон.
Тој потсети дека претседателите на Русија и на САД се договорија да им дадат инструкции на министрите за надворешни работи да разговараат за прашања поврзани со состанок на двајцата лидери.
– За сега немаме информација дека почнале такви разговори, но претседателот Путин даде релевантни инструкции на Министерството за надворешни работи, бидејќи постои договор – изјави Песков.
Според него, во овој момент Русија нема информација со оглед на одлуката за протерување на руски дипломати, дали САД се подготвени да ја спроведат во дело изјавата на претседателот Трамп за подготовка на состанок со Путин.
– Тоа зависи од нашите американски колеги. Руската страна останува, се разбира, отворена, истакна Песков.