Претставници на руската и сириската армија денеска им упатија ултиматум на бунтовниците во опколената енклава Источен Катамун, што се наоѓа на 40 километри североисточно од Дамаск, да и се потчинат на Владата на Сирија или да го напуштат реонот.
Според претставник на бунтовничка група од Источен Каламун, ултиматумот бил упатен на средба на руски полковник и офицер на сириското разузнавање со делегација на цивилното население од енклавата.
– До групите од Слободната сириска армија во реонот беше упатена јасна порака: или помирување и разоружување, односно предавање на оружјето на сириските власти, како што тврдат Русите, или напуштање на Источен Каламун – изјави претставникот на бунтовничката група Маченикот Ахмад Абдо.
Реонот под контрола на бунтовниците во Источен Каламун опфаќа територија на неколку населени места и се простира на пустинско подрачје.
Според претставникот на групата, на бунтовниците им било предложено да ги напуштат населените места во реонот и да се повлечат во планините, а цивилите да останат во своите домови.
Тој нагласи дека целта на ваквиот предлог била да се избгне „принудно раселување“ на цивилното население, како што беше случај во другите реони врз кои сириските власти повратија контрола со вооружени операции.
Сириската армија кон крајот на февруари започна офанзива против бунтовниците во реонот на Источна Гута, последното големо бунтовничко упориште крај Дамаск, и досега успеа да преземе контрола врз најголем дел од реонот.
По овој воен успех, властите во Дамаск се обидуваат да ги разбијат и преостанатите бунтовнички енклави во поширокиот реон на сирискиот главен град.