Употребата на сулфурни киселини во рудниците количински може да се спореди со таа во оцетот, виното или во сапуните за дезинфекција.
Неаргументирана хајка се води изминативе две години против рудниците иако во овој сектор има многу повисоки стандарди отколку во кој и да било друг и постојат строги механизми за контрола кои не дозволуваат да се загрози безбедноста и животот на граѓаните и животната средина, уверуваат од Македонската асоцијација на рударството (МАР). Оттаму тврдат дека во рудниците се применуваат највиските производни технологии и еколошки стандарди кои се безбедни за луѓето.
Тие побараа владата да одлучи дали на македонската економија ѝ е потребно рударството, зашто инвестиорите во овој сектор веќе се чувствуваат небезбедни, а нови нема да има во наредниот период.
– Концентрациите на цијаниди кои се користат во рудниците за олово и цинкова руда се во рамки на светските и европските стандарди. Кога екологистите зборуваат за употребата на цијанидите најчесто ги користат аргументите од времето на Хитлер и концентрационите логори, иако вооопшто не се запознати со производните процеси во рудниците и дали растворите на цијанидите и сулфурната киселина се употребени во опасни размери – вели Максим Прохоров од рудникот „Саса“.
Прохоров вели дека цијанидите се користат и во прехранбената индустрија и во земјоделството.
И Бошко Сибиновски од „Сардич“, кој го гради рудникот „Казандол“, тврди дека содржините на сулфурна киселина кои ќе се користат во производството се според највисоките стандарди. Тие се еднакви на количината употребена во оцетот, за разбиструвањето на виното или во сапуните за дезинфекција.
– Целиот процес на производство на рудата е од затворен тип. Дури немаме ниту отпадна вода, а работниците можат во бели мантили да се движат во производниот погон и да го контролираат процесот на производство – додаде Сибиновски.
Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација на рударство и извршен директор на рудникот „Бучим“, вели дека споредбите на загаденоста на животната околина покрај рудниците и другите региони покажуваат огромни разлики но екологистите тоа не го гледаат.
– Во период од 13 години колку што работи рудникот „Бучим“ немаме регистрирано никакво професионално заболување кај рударите. Мерењата, пак, што ги вршиме на ПМ 10 честитките не покажуваат повеќе од 10 микрограми квадратен метар што е далеку под она што го има во градовите – вели Николов.
Според него, голема штета на рударството ќе предизвика предлог законот за измени на Законот за минерални суровини предложен од група пратеници со кој се забранува употреба на цијаниди, сулфурна киселина и други отрови.
– Не е точно дека со законот се изземаат постоечките рудници и ќе важи само за рудниците кои треба да се отворат во наредниот период. Никаде во законот не може да се прочита тоа. Дополнително, рудниците имаат век на траење и во еден момент ќе треба да се побара истражување на нови резерви на рудата и отворање нови рудници. Тоа ќе значи затворање на рудниците во земјава – вели Николов.
Од Асоцијацијата за рудниците велат дека и мешањето на поимите доведува до збунувачка состојба кај граѓаните.
– Најчесто се мешаат поимите концесија за геолошки истражувања на минерални суровини и концесија за експлоатација на руда. Во истражувањата инвеститорите само истражуваат дали има руда и дали е исплатливо да се експлоатира, но тоа не значи дека ќе се експлоатира. Државата може и да не даде концесија за експлоатација на таа руда – објаснува Даниела Бонбон од Резервс минерал, која ги водеше истрагите во Гевгелија.
Таа додава дека најкус период од истрагите до отворањето на рудник во земјава е 10 години.
Нејзиниот колега Љупчо Јосифовски од Инфогруп која врши истражување во рудникот Мајдан – Алшар вели дека во процесот на истраги не се користат никакви опасни материи.
– Во текот на истрагите не се врши никакво загадување на животната средина. Концесиите кои ги добиваме се на површини на кои можеме да вршиме истражување, а тоа е регулирано со закон – вели Јосифовски.
Заблуда е и тоа, велат од рудниците, дека во експлоатацијата на руда се користи премногу експлозив.
– Мојот каменолом е на три километри од автопатот Скопје-Тетово. На него редовно вршиме минирање со експлозив, но не создаваме високо ниво на бучава и прашина бидејќи експлозивот е од најнов систем, а прашина не создаваме бидејќи користиме запрскување – вели Шефкет Идризи.
Од Асоцијацијата на рудници, како што рекоа, се согласни да ги затворат рудниците, ако е тоа економска стратегија која ќе ја одбере владата, но потсетија дека ќе го бараат законското обештетување.