Рудникот за олово и цинк „Саса“ постави нов рекорд – 500 дена без повреда на работно место. Тоа е најдолг временски период на денови без повреда на работно место во оваа индустрија во земјава, но и пошироко. Претходниот рекорд на денови без повреда во рудникот „Саса“, во периодот од 11 години од рестартирањето на рудникот, изнесуваше 210 денови.
– Среќни сме и горди на ова достигнување кое е резултат на заедничата работа на сите вработени и преземените мерки за заштита и почитување на процедурите. Како менаџмент планираме и понатаму да вложуваме во безбедноста на рударите и сите вработени во рудниот „Саса“, затоа што заштитата на здравјето и безбедноста е највисок прироритет за сите нас – изјави генералниот директор на „Саса“, Неил Стевенсон.
Заради одбележување на ова значајно достигнување, сите вработени во компанијата добија парична награда, а беше организирана и пригодна свеченост.
– Им честитаме на сите вработени и на менаџментот на „Саса“ за нивната посветеност во одржување највисок степен на заштита и безбедност во рудникот. Како синдикат ние секогаш се залагаме за поголема безбедност на рударите и затоа навистина сме имресионираи од она што досега е вложено и што е планирано во иднина да се направи на ова поле во „Саса“ – изјави Марија Анчева, генерален секретар на Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството – СИЕР.
Покрај вложувањата во безбедноста, новите сопственици на „Саса“ – компанијата Централ Азија Металс од Лондон, продолжуваат и со инвестициите во нова најсовремена технологија во производството. Имено, деновиве започна инсталацијата на новиот СМД млин во што се вложени над еден милион евра. Новата постројка, која е единствена од ваков вид во земјава, ќе ја зголеми ефикасноста и сигурноста на технолошкиот процес на извлекување на цинковиот концентрат од рудата која се ископува во „Саса“.
– Сите овие инвестиции во нова технологија на производство, во натамошно зголемување на безбедноста на сите вработени, во заштитата на животната срeдина, како и во активностите на локалната заедница, се најдобар показател за посветеноста на новите сопственици на „Саса“ кон натамошен одржлив развој на рудникот со што се придонесува за поголем просперитет на локалната заедница и на замјата во целина“, вели генералниот директор на „Саса“ – Стевенсон.