На предизборниот митинг во Москва на актуелниот претседател на Русија и кандидат за претстојните избори, Владимир Путин, присуствуваа повеќе од 130.000 луѓе.
Ова го соопшти портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Ирина Волк.
– Митингот „За силна Русија“, кој беше организиран во спортскиот комплекс Лужњики, привлече повеќе од 130.000 учесници. Полицијата и руската гарда ги спроведуваат редот и безбедноста на настанот – рече Волк за ТАСС.
Во рамките на комплексот Лужњики се наоѓа и Националниот стадион, каде што беше одржан митингот. Стадионот има капацитет за повеќе од 81.000 луѓе, а полицијата проценува дека вкупниот број на учесниците во комплексот, кој содржи и други спортски објекти, бил 130.000 луѓе.
Од изборниот штаб соопштија дека митингот бил платен со „пари од изборниот фонд“ и дека кандидатот ќе поднесе извештај за трошоците до Централниот изборен комитет, за овој да го објави на својата веб-страница.
Секретарот за односи со медиумите на изборниот штаб, Андреј Кондрашов, рече дека 299 руски и 125 странски новинари биле акредитирани за овој настан.
Тие претставуваат медиуми од САД, Јапонија, Шпанија, Германија, Кина, Велика Британија, Франција, Данска, рече тој.
Претседателските избори во Русија се закажани за 18 март.